Младите и супер талентирани Охриѓани Андреа Савиќ и Славчо Мургоски, ученици во III година, образовен профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика при ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид го освоија првото место во силна конкуренција од средни училишта од седум држави, на 11. Меѓународен натпревар за електротехника и мехатроника „Балкан јуниор“, кој се одржа вчера во Велење, Словенија.
Андреа и Славчо, под менторство на професорите Владо Јанкуловски и Сања Јованоска, освоија максимум 100 поени на теоретскиот дел и на изработката на проектната задача. До второто место стигна тимот од Босна и Херцеговина, а третото место го освоија домаќините од Словенија.
Натпреварот, кој оваа година се одржа по 11-ти пат, го организираше Училишниот центар Велење во Центарот за меѓупретприемачко образование (MIC). Ги собра учениците, нивните ментори и претставници на училиштата од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Романија, Република Македонија, Словенија, Србија и Турција.
„Балкан Јуниор“ е наменет за училишта од областа на мехатроника, инженерство и електротехника, што ја нагласува неговата основна цел – промовирање на техничкото образование и иновациите кај младите. Учеството во вакви настани придонесува за развој на практични вештини, решавање проблеми и тимска соработка, кои се вештини кои се неопходни за успех во современиот свет.