Со првиот лет на турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул до Охрид денеска свечено е означен стартот на нововоспоставената авионска линија.
Летовите од Истанбул – Охрид ќе се реализираат четири пати седмично и тоа во понеделник, четврток, петок и недела. Турската авикомпанија за оваа линија ќе користи авиони „Ербас А321“, „Боинг 737-800“ и „Боинг 737-900“ од својата флота.
Според надлежните, оваа нова линија ќе значи многу за развојот на туризмот, но и за развој на економијата.
Првите патници од Истанбул на охридскиот аеродром беа пречеани од премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, Серкан Каптан, главниот извршен директор на „Туркиш ерлајнс“ Билал Екси и турскиот амбасадор Фатих Улусој.
Во продолжение го пренесуваме обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски:
Денес стоиме пред вас со голема гордост и амбиција, развојот на нови авиолинии не е само техничко прашање, туку стратешка инвестиција во иднината на нашата економија, туризам и меѓународна соработка.
Нашата држава, со својата стратешка локација на Балканот, има потенцијал да стане значаен центар за воздушен сообраќај, затоа нашата Влада активно работи на:
Воведување нови авиолинии – Преку партнерства со реномирани авиокомпании како „Туркиш Ерлајнс“, обезбедуваме директни летови до клучните европски и светски дестинации.
Поттикнување на нискобуџетни превозници – Ова ќе овозможи подостапни билети за нашите граѓани и ќе привлече повеќе туристи и инвеститори.
Модернизација на аеродромите – Подобрувањето на капацитетите и услугите во аеродромите во Скопје и Охрид ќе создаде услови за зголемен број летови.
Промоција на нашата земја како авиотранспортен центар – Работиме на меѓународни договори и иницијативи кои ќе ја зголемат атрактивноста на нашата земја за деловни и туристички патувања.
Воведувањето нови авиолинии значи побрзо и полесно поврзување со светот, зголемување на туризмот, нови економски можности и унапредување на имиџот на нашата држава.
Нашата земја има огромен туристички потенцијал. Од живописните планини, прекрасните езера и богатото културно наследство, до топлината и гостопримството на нашите граѓани – сето ова ја прави Македонија атрактивна дестинација за домашни и странски посетители.
Затоа, нашата Влада активно работи на креирање политики и мерки што ќе го поттикнат туристичкиот сектор.
Инвестираме во патишта, аеродроми и железнички врски за да ја направиме нашата земја подостапна за туристите.
Работиме и на промоција на Македонија како туристичка дестинација како и поддршка за малите и средни туристички бизниси.
Нашата цел е јасна – да ја направиме Македонија не само дестинација за посета, туку и место во кое туристите ќе се враќаат повторно и повторно.
Денешниот чекор е само почеток. Веруваме дека со заеднички напори ќе создадеме посилна, подостапна и глобално поврзана Македонија.
