АктуелноОхрид

Навечерие на Божик

Навечерието на Рождеството Христово – светол праг кон серадосниот празник на Воплотувањето на Спасителот наш Господ Исус Христос – според Божјата неизречена милост, и оваа година беше торжествено и молитвено одбележано во нашата Свештена Бигорска Обител. Овој ден, исполнет со длабока литургиска и духовна содржина, ги отвора срцата на верните за светлината што изгреа од Витлеем, подготвувајќи ги за средба со Богомладенецот Христос.

Утрена, Царски часови, Изобразителна, Вечерна богослужба, соединета со Божествената Василиева Литургија. Преку овие свештени последовања, мајката Црква не само што ни ги оживува настаните од пред две илјади години, туку и ги внесува нашите души во самата тајна на Божјото снисходење. Песнопенијата и чтенијата, полни со поетска убавина и неизмерна теолошка суштина, ни ја објавуваат неизглаголивата радост на Рождеството. Во нив одекнува повикот на Црквата: „Подгответе ги срцата и душите, зашто Бог доаѓа да се роди во утробата на Дева!“ Целата химнографија нè повикува не само на радост, туку и на духовна подготовка, на средба со Најубавиот.

Избраните, пак, пророштва од старозаветните книги, го навестуваат доаѓањето на Месијата. Слушнавме за раѓањето на Емануел, за Светлината што ќе ги осветли народите, за Царот на мирот и на справедливоста. Апостолските и евангелските читања ни го осветлија настанот на раѓањето Христово, стоплувајќи ги душите со радосната вистина дека Бог слегува во светот, се вселува меѓу нас, како еден од нас.

Круната на богослужбеното ликување беше Вечерната богослужба спомена со Светата Василиева Литургија, со којашто тајноводеше нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. Со својата литургиска љубов и молитвена сосредоточеност, Владиката Партениј беше вистински благодатен водител на сите кон големото таинство на Рождеството. Од неговото полно со љубов срце, се излеваше благослов кон сите за радосно Рождество Христово, исполнето со светлина, мир и спокој.

Со вакво молитвено и торжествено расположение, Свештената Бигорска Обител уште еднаш упатува светли и топли благопожелби за светлината на Витлеем да засветли во сечие срце и да нè поведе кон средбата со Оној Кој се роди од Дева заради нас и нашето спасение.

Христос се раѓа – прославете Го!