АктуелноОхрид

(ФОТО) Света Архиерејска литургија во храмот Св.Софија по повод денешниот празник

„Исполнети изобилно со врвната мудрост Христова, трите ќерки на Софија и избраната и благоумна мајка, ја посрамија свирепоста и неподносливото лудило на мачителите, изложувајќи ги божествените учења“ (песна од канонот на Утрена на празникот на св. мч-чки Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија).

На 30.09.2024 година, денот кога си спомнуваме на маченичките подвизи и славната смрта на светите маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископот Дељадровско-илинденски г. Јоаким, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Александар Димоски, протоерејот Горан Ставрески, свештениците Љупчо Бакрачески и Роберт илијевски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, ероѓаконот Јаков и ѓаконот Марко Спасовски. Овој празничен ден ќе остане запомнет за ѓаконот Марко, кој од раката на Митрополитот Тимотеј беше ракоположен во свештенички чин. Од името на Митрополитот, свештенството, ѓаконството, монаштвото и сиот верен народ од нашата Епархија, му го честитаме свештеничкиот чин на отец Марко, со желби и молитви достојно да служи на светата Црква Христова, за спасение на довереното му стадо и за спасение на неговата душа. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Св. ап. Петар на сите кои веруваат во Господа Исуса Христа им вели: Вие кои како живи камења сте вградени во духовен дом, свештенство свето, за да принесете духовни жртви кои Му се на Бога пријатни преку Исус Христос (1. Пет. 2, 5). За тие живи камења сакаме денеска да зборуваме, зашто Бог нѐ повикал за едно големо творење и од нашето учество ќе зависи и нашето спасение преку Исуса Христа. Знаеме дека за создавање на некоја здрава градба ни се потребни добри камења. Секој камен треба добро да биде обработен и приспособен за местото што ќе го заземе во градбата. Така може да се создаде здрава и трајна градба.

 

Во светот има многу споменици забележителни со својата архитектонска градба. Оној кој го има видено древниот и средновековен Рим, знае какви прекрасни нешта, па дури и пред многу векови, можеле да се постигнат преку новите градежни искуства. Сите тие споменици изобилуваат со прекрасна архитектура и уметничка убавина, па затоа и денеска сведочат со своите величества и убавини, и покрај тоа што поминале толку векови откако се изградени. Истото се случува и со духовното градење, во најшироката смисла на зборот. Секое духовно градење треба да биде здраво и долговечно, но и добро обработено и добро спојувано. Многу треба да се внимава дали основата на градбата е здрава, за да може да издржи големината на градбата. На песок никој не гради, зашто на нестабилна почва е бесмислено да се гради. Многу материјални, но и духовни градби, се урнале бидејќи немале здрава основа. А спојката на секоја градба е најважното сврзно ткиво на градбата. Ако станува збор за некоја културна градба, таа треба да се гради блиску до делото на човечкиот дух и до неговите најдобри духовни сили, до неговата љубов и светлина, па тој преку целата градба да се вплоти со здравото и убавото.

И целта на христијанскиот духовен стремеж е да се издигне духовната градба врз здрава основа и врз неа да се гради со добро обработени живи камења. И сето тоа треба да биде споено со возвишените евангелски добродетели на верата, љубовта и надежта. Основата на христијанската духовна градба е една и неизменлива, а тоа е Господ Исус Христос. Он е основен аголен камен. Основата на тој аголен камен го определува местото на секој еден од нас како жив камен во градбата на Божјата Црква.

Кога св. ап. Петар ги нарекува христијаните живи камења, тој, од една страна, го има предвид нашето битисување во општата црковна градба, а, од друга страна, градењето на нашиот внатрешен Божји дом. Сите ние сме повикани преку верата во Исуса Христа да бидеме вградени во духовната градба на Божјата Црква, која суштествува невидливо, благодатно, преку верните души, а со дејството на Светиот Дух.

Но, не е само општото градење на црква за нас неодминлив долг. Секој еден од нас треба да изградува свој внатрешен духовен дом. Се разбира, со еден камен не се подига културен и духовен дом во душата. Ако ние одделно, во општото градење на Божјата Црква, сме камења, во внатрешното градење потребно е да имаме многу камења, за да ја започнеме и да ја изградуваме таа градба со сопствените непрестајни градежни сили. А тие камења се христијанските добродетели: верата, љубовта и надежта, чистотата, мирот, братството, и сите нивни плодови. Преку делата на добродетелите, коишто треба да ги преумножуваме секојдневно, се изградува нашиот внатрешен духовен дом, во кој се вселува и живее Светиот Дух.

Ние сме повикани да станеме храмови Божји, како што и експлицитно кажува св. апостол Павле: Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и духот Божји живее во вас? (1. Кор. 3, 16). Врз таа основа христијанинот треба да го гради внатрешниот духовен храм и престолот Божји во него, жртвеникот и амвонот на проповедта. А врз нив треба да вознесуваме молитви кон Бога за самите нас, за нашите блиски, за сите луѓе и за секоја потреба и немоќ помеѓу луѓето, и во радост и во жалост, и во успех и во искушенија. На престолот Божји, на Божјото величие во нашите души, треба да ја принесуваме смиреноста на нашите срца и славословувањето на нашиот ум. На тој духовен жртвеник треба да принесуваме жртва на љубов, добрина и чистота. Секој ден треба да принесуваме молитвени песнопенија и величанија во нашиот внатрешен храм, и само тогаш тој ќе биде жива градба, ќе биде дом Божји за вистинска молитва, утеха и духовно веселење.

Според боговдахновената порака на св. ап. Павле, христијанинот треба да го постигнува сето ова преку силите од Христа Исуса. Тој треба да биде внатрешен духовен храм, за да извршува духовна богослужба (Рим. 12, 1). Но тоа внатрешно духовно градење е возможно само кога христијанинот активно учествува во градењето на Црквата Божја, кога тој самиот се вградува како жив камен во неа. Само така христијанинот може да го гради и својот внатрешен храм врз едната и неповторлива основа, а тоа е Господ Исус Христос. А во своето духовно дело тој постојано ќе црпи сили од благодатните извори на Божјата Црква. Преку неа тој добива сили и за духовно поврзување со останатите браќа и сестри во Христа, а внатрешно ја соединува својата личност со Христовата.

Затоа и денеска ги прославуваме маченичките Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија, кои се вградиле во Црквата Христова како живи камења. Зашто тие, преку Премудроста Божја, израснале во силни духовни суштества и постанале жив Божји дом. Затоа и светата Црква ги прославува и им се обраќа за помош во молитвите. Нека се вознесуваат славословија на Бога во храмот на нашите души, и нека се прославува Неговото величие со христијанските добродетели, а за наше спасение и за спасение на целиот свет. Амин.

Св. мч-чки Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија

Храм „Св. Софија“ Охрид

30.09.2024 г.