АктуелноОхрид

Светиот Пророк Илија и духот на нашето време

Mили мои, и оваа година Бог ни ја дари благословената можност да го чествуваме славниот спомен на великиот старозаветен Пророк Свети Илија. Името на овој великан на верата моќно одекнува во целото Свето Писмо – не само во Стариот, ами и во Новиот Завет, каде што го гледаме на Гората Тавор, заедно со Светиот Пророк Мојсеј, како сведок на Преображението на нашиот Господ Исус Христос и како Негов соговорник. Животот на Светиот Пророк Илија е пример за праведна и света ревност за Бога сконцетрирана во една богољубива личност, во време кога целиот Израил бил отпаднат од вистинската вера. Собитијата поврзани со животот на Пророкот и со неговата дејност среде израелските народ и власт се опишани во старозаветната книга Царства, каде што Свети Илија се појавува како непоколеблив проповедник на вистинскиот Бог.

Израилскиот народ, кој на почетокот бил воден од светите луѓе и од Божјите пророци, почнал да бара цареви, гледајќи како другите народи околу нив биле водени од самодржци. Бог го допуштил тоа и така Израил започнал да биде воден од цареви. Но, знаеме дека власта и властољубието се искушение што го одвлекува човекот од верата и од вистинските морални вредности. Во времето на Пророк Илија, Израилците биле водени од цар, но токму таа власт донела големи падови и отпаѓање од правата вера, така што народот се приклонил кон пагански, развратни и декадентни обичаи.

Свети Пророк Илија бил избран од Бог уште од своето детство, за да го спаси својот народ од паганските влијанија и од изопачениот начин на живот. Со голема ревност тој се борел да го врати Израила кон богооткриената вера. Во времето на цар Ахав, кој се оженил со идолопоклоницата Језавела, Свети Илија излегол пред царот и пред неговата жена и ги укорил за нивното зловерие. Тој им прорекол дека ќе настапи голема суша по целата земја, којашто ќе трае сè додека самиот тој не побара од Бог да ја прекине. Замислете каква сила и авторитет имал овој човек, кој по природа бил како еден од нас, но кој во својата близина со Бога ја нашол слободата и моќта да го заузда дури и времето! И навистина, неговите зборови се исполниле. Настапиле три сушни години, Израил страдал, бидејќи дожд не заврнало и изворите пресушиле. Ова е потсетник за сите нас, дека личносниот однос со Бога е извор на вистинска сила и милост. Пророкот Илија од обичен човек, преку љубовта и посветеноста кон Бога, станал светилник за народот, кој покажува дека со вера, ревност и преданост можеме да бидеме дел од Божјите чуда.

Меѓу многуте чуда што Свети Пророк Илија ги извршил со помош на Божјата благодат, едно од најголемите е она што се случило пред свештениците на лажниот бог Ваал и пред целиот народ израилски. Оваа случка претставува величествена победа на вистинската вера над измамата на идолопоклонството. Свети Илија ги предизвикал свештениците на Ваал да постават жртва сепаленица без да ја запалат со оган, велејќи им да го помолат нивниот бог, па ако тој е вистински, самиот да ја запали жртвата. Паралелно со лажните свештеници и праведникот Божји подготвил жртва за палење и ја натопил целата со вода, правејќи дури и окоп околу неа исполнет со вода – сето тоа пред очите на царот и на целиот народ. Свештениците на Ваал се молеле и викале цел ден и цела ноќ, па дури и се боделе со ножеви, но нивната жртва останала непроменета. Кога дошол редот на Свети Илија, тој со огнена вера се

 

помолил на вистинскиот Бог, и оган слегол од небото и ја запалил жртвата иако целата била мокра. Ова чудо било јасен доказ за присуството и моќта на живиот Бог и го потресло целиот израилски народ, кој бил сведок на Божествената интервенција. Преку ова чудо Свети Илија го повикал народот да се врати кон својот вистински Бог, Создателот на светот и Творецот на Адам и Ева. Тој ги потсетил своите сонародници дека се избрани да бидат чувари на вистинското Божјо откровение и дека треба да се оттргнат од лажните богови и идоли. Ги повикал да станат народ со вера, со чест и со морал, кој ќе биде светилник на вистината за сите народи и за целиот свет.

Возљубени во Христа, Светата Црква денес, преку примерот на Светиот Пророк Илија, нè повикува на едно подлабоко размислување за нашата вера, за патот што ни е даден преку милоста Божја. Како наследници на богооткриената вистина, ние сме повикани со истата одговорност како и стариот Израил, кој бил повикан да живее во вистината и да ја чува светлината на спасителното откровение. Верата наша православна ни е основа од која извираат правомислието и просветлението, коишто потем ги обликуваат нашите обичаи и целокупниот живот. Од лажната, пак, вера произлегуваат морални падови, заблуда, декаденција. Не е тешко да се заклучи дека нашето време, за жал, е слично со времето на Светиот Пророк Илија, кој живеел среде народ што се оддалечил од Бога. И денес во христијанскиот свет, кој треба да биде светилник на моралот и на вистината и да влече напред, кон возвишеното, се случува едно големо морално пропаѓање, со стравотни последици. Доволно е да погледнеме наоколу, за веднаш да воочиме како духовниот распад се претставува како нова норма. Нихилизмот, релативизмот, исмевањето на сè што е свето станале верувањата и идеологиите на нашето време. Отворањето на Олимписките игри во Париз, на пример, беше соодветен сценски приказ на таа отворена декаденција, одраз на патот по кој новото време стрмоглаво нè води. И што е тоа што го гледаме како нова религија? Тоа е, всушност, религијата на старите лажни богови, или поскоро – идолите на материјалното и на личните страсти. Парите, самољубието, личните задоволства се старо-новите божества. Душата на современиот човек е оддалечена од живиот Бог. Последиците се очигледни: изопачени навики, морална ерозија, заборав на нашето Свето Предание. Заборавивме како се живееше во светоста, како нашите предци Го почитуваа Бога и како животот во Христа им беше дел од секојдневието. Се сеќавам на времето кога, како дете, моите баба и дедо родени во Битола ми раскажуваа и ме учеа на прекрасни нешта. Тие беа луѓе на верата, кои ни говореа за Бога, за предците, за Евангелието, за Житијата на Светиите. Ни го предаваа богатството на Преданието, градејќи во нас врска со Бога и со Светиите. Нè учеа на љубов, на благочестие и на почит кон сè што е добро и богоугодно. Нашето минато беше исполнето со светлина и со доброта, и затоа и ние сме повикани да го зачуваме тоа наследство и да го пренесеме на идните поколенија.

Навистина живееме во време кога православното предание се напушта сè повеќе и повеќе. Денешниот свет е исполнет со непочитување и со заборав на основните вредности и на човечноста. Во семејствата, сведоци сме на непочит кон постарите, кон бабите и дедовците, кон родителите и кон светите нешта што ја сочинуваат нашата култура и нашето наследство. Ова, драги мои, е резултат на отстапувањето од вистинската вера, која е темел на моралниот и духовниот живот. Погледнете го примерот на Франција, која преку отворањето на Олимписките игри ни покажа каков свет изградивме. Француската револуција беше на некој начин пресвртница во историјата, кога се појави првата безбожна република. Под превезот на слободата, еднаквоста и братството, таа беше всушност првата противбожна, атеистичка држава. Непрецизен плагијат на оваа држава направи и Русија за време на Октомвриската револуција. Заедничко за двете револуции беше отфрлањето на Бога и извршувањето на најгнасни светогрдија. Во Француската револуција, на пример, кога атеистите ја одзедоа власта од монархијата, направија нешто што остана во историјата како еклатантно сведоштво за отфрлањето и хулењето на Бога. Имено, тогаш безбожниците изведоа невиден акт на осквернување во големата црква Нотр Дам, која значи „Возвишената Госпоѓа“ и е посветена на Пресвета Богородица. Зеле жена од познатата улица на неморалот, Мулен Руж, и ја внесле во олтарот, на најсветото место, каде што со разврат извршија големо богохулство. Тоа било симболичен чин на раскрстување со Бога. Иако по некое време се обиделе да се поправат, суштината на тоа општество остана безбожието, коешто на историската сцена се појави како радикално и милитантно. Слични нешта се случувале и во советска Русија.

Денес ги гледаме последиците на сето тоа. Сега сите неморални нешта се оправдуваат под плаштот на демократијата. Повеќето христијански општества, ако воопшто можеме да ги наречеме христијански, станале постхристијански и богоборни.

Но денеска го прославуваме сечесниот спомен на Светиот Пророк Илија, човекот кој се издигна како светилник на вистината и на праведноста во време на општо отпадништво. Неговиот живот и дело се безвременски пример за сите нас, кои живееме во свет што слично како во негово време, се оддалечил од Бога и од вистинските вредности. Паганските обичаи и антивредности се секогаш слични. Во епохата на Свети Илија, Израилот се поклонувал на божицата Иштар, која пак, е божица на неморалот и на блудство, еден вид пандан на грчката богиња Афродита. Луѓето се собирале во нејзините храмови и учествувале во развратни обреди. Но иако насекаде околу него се случувал морален распад, Свети Илија не си дозволил да се разочара и да крене раце. Наместо тоа, тој се исполнил уште повеќе со ревност и молел и барал од Бога начини да ја исправи состојбата. Неговата силна вера и решителност го направиле пријател Божји, и преку него Израилот се вратил кон правоверието.

Се чини дека нашиот предизвик е ист. Сите ние како Христијани сме повикани да го обновиме правоверието во нашите животи и во нашите заедници. Тоа започнува најнапред со семејството, кое е темелот на здравото христијанско општество. Ако семејството е нарушено, целиот социјален поредок страда. Наша задача е да изградиме силни, евангелски засновани семејства, за да можеме да создадеме и здраво општество. Станувајќи вистински Христијани, ние истовремено се остваруваме како вистински луѓе.

Но како што Пророкот Илија ја обновил верата на Израил, така и ние сме повикани да го обновиме нашиот дух и нашето општество. Имаме предност и привилегија што сме дел од светата православна Црква, која ни го покажува правиот пат. Ако имаме желба и волја, Господ ќе ни помогне. Сите мораме да ја посакаме и да се потрудиме за таа духовна промена, затоа што идните поколенија мора да се вратат на вистинскиот пат доколку сакаме иднина. Без Христа и без Светото Писмо нема иднина, а само заблуда и пропаст. Како му рекол Свети Илија на царот Ахав: „Ти го заблуди целиот народ, откако тргна по лажните идоли и народот стекна погубни и неморални навики“. Тие погубни и неморални навики се присутни насекаде и денес. Вчера седев на манастирскиот чардак со гости и забележав како двајца млади, православни, стојат на тремот од храмот на Свети Јован. И видов дека иако ме погледнаа отспротива, почнаа – замислете! – страсно да се гушкаат и бакнуваат. Во манастир, пред црква, без никаков срам! И почнав да им зборувам на тие што седеа со мене: да го видеше ова баба ми, прва ќе отидеше и ќе ги опоменеше младите дека тоа што го прават воопшто не е во ред и дека треба секогаш пристојно да се однесуваат, особено, пак, во манастир. Кога размислувам за нашите баби и дедовци, тие ми се како жива Библија. Тие навистина беа олицетворение на Евангелието – го живееја и го споделува со нас преку животот. А денес… Што ќе ги научат денешните баби и дедовци своите внуци, кога и самите се заразени со социјалните мрежи и се занимаваат со непристојни работи?!

Сепак, сè уште не е предоцна. Бог ни дал на располагање многу средства за информирање. Само да ги ползуваме правилно. Денес и бабите и дедовците се активни и знаат да пребаруваат на интернет, но треба да внимаваат каде одат и што консумираат. Нека се посветат на добри и корисни содржини, нека научат нешто добро и на тоа да ги подучат своите внучиња. Сите треба да се угледаме на Пророкот Илија, затоа што многу ни се потребни добри и просветлени луѓе. Свети Илија и денес ни испраќа пораки од небото. Ете, тој и по своето вознесение на Небесата му испратил писмо на царот Јорам, владетелот на јужното хебрејско царство Јудеја (сп. 2 Лет. 21,12 и понатаму). Во тоа писмо тој го опоменува царот во името на Бога дека го завел народот по погрешен пат, слично како што бил заведен и Израил и поради тоа му предвидува лута и болна смрт и пропаст – нешто што и се случило, бидејќи Јорам не се покајал. Светиите стално испраќаат пораки, но ние мораме да бидеме отворени и приемчиви за нив. Мораме да Му оставаме простор и време на Бога, да не бидеме постојано зафатени и одвлечени со световните нешта. Знаете, исто како со телефоните: кога некој постојано зборува, не можеш да го добиеш, линијата е зафатена. А ние дури и во црква сме со телефоните, снимаме наместо да се молиме. Гледам во храмовите – верници скоро и да нема, сè само сниматели. Прашање е дали некој воопшто се моли, или сме станале само формални верници. Налик на Евреите од времето на Христа, кои само формално Го почитувале Бога. А Христос ни рече: Не секој што Ми вели: „Господи, Господи“, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен (Матеј 7,21).

Простете ми што говорев подолго денеска, но навистина сакам да ја видам ревноста и праведноста на Свети Илија во нашиот народ, нешто што сме го имале во нашите гени. Нека ни е честит овој голем празник, кој воедно е и христијански и национален, бидејќи нашите предци токму на овој ден се кренале на Востание против огромната Отоманска Империја. Иако биле малкумина во споредба со непријателите, сепак, биле доволно храбри и решителни да речат: „Не! Доста е!“ Тие ги положиле своите животи, свесни дека нивната жртва ќе биде основа за нашата слобода денес. Колку е значајно тоа што нивната храброст и саможртва овозможија идните поколенија да живеат во слобода и достоинство!

Потоа се случи и втор Илинден, кога, со Божја помош, успеавме да ја создадеме нашата држава во овие граници. Нека овој ден биде потсетник за нас, дека со вера и единство можеме да ги надминеме сите пречки.

Да го молиме Свети Пророк Илија да нè води по патот на просветлението и на правомислието, да нè инспирира да станеме вистински и верни Христијани, кои ќе се покајат како што се покајале Израилците. Нека Господ ни ги зачува народот и државата до крајот на вековите, та да живееме во мир и благосостојба.

Честит и благословен Илинден!

Бигорски манастир