недела, ноември 24, 2024
АктуелноОхрид

(ФОТО) Крст џамија 1900 год ….

Оваа слика највероватно е од 1900 Год.бидејќи првата куќа е нашата, ама пред да се напрајт фурната.Фурната е праена 1903 год.од страна на мојот дедо Димко Шатран,прв рисјанин во турската мала и прва фурна во малата, се вели во објавата на ФБ групата KRST DZAMIJA – Nasata maala.

Инаку на местото каде што се сечат улиците „7 ноември“ и „Марко Несторовски“ во Охрид, стои џамија, која кај народот, меѓу охриѓани, е позната како Крст-џамија, пишува Македонска нација.

Тоа име се употребува за муслиманскиот верски објект, но и за овој дел од градот. Тоа се одомаќинило меѓу луѓето, меѓутоа малкумина знаат зошто токму тоа име се употребува за самата џамија, а со тоа и за населбата. Охриѓаните од турско етничко потекло ја знаат како Хаџи-Дургут џамија, по името на човекот што ја подигнал.

Во стручната јавност, барем од она што може да се дознае, не се правени никакви истражувања за тоа од каде, посебно кај македонското население во градот, оваа џамија е позната под такво име. Во Заводот и музеј во Охрид, стручњаците што ја познаваат верската проблематика, посебно историјата на верските објекти во Охридско, речиси едногласно велат дека нема пишувани документи од каде дошло името на џамијата. Нивна претпоставка е дека на тоа место, до првите години од 16 век, постоела православна христијанска црква „Света Недела”. Во тој период, на нејзино место била изградена џамијата што сега е позната како Крст-џамија.

Сепак, постарите охриѓани, но и некои овдешни историчари на уметноста, без да претендираат на точност, се повикуваат на една легенда што неколку века се пренесува меѓу македонското христијанско население. Според оваа легенда, кога тогашната османлиска власт или самиот Хаџи-Дургут почнале да ја градат џамијата, се се одвивало според планот, меѓутоа кога почнало да се гради минарето, завршниот дел на верскиот објект, тоа, од необјасниви причини, се уривало.

Тоа, според оваа легенда, се случувало неколкупати, додека некој од градителите не се сетил дека на врвот од џамијата треба да се врати христијанскиот крст. Градителите тоа го направиле, го ставиле крстот на минарето, а тоа повеќе не се рушело, вели легендата што живее меѓу охриѓани.

Во потрагата по вистината за потеклото на името на Крст-џамија, имавме можност да разговараме со повеќемина охриѓани од турско етничко потекло. Тие знаеја некои верзии, но сите не упатуваа да се консултираме со Абдулхак Сали, кустос-етнолог во Заводот и музеј во Охрид, сега пензионер.

Овој витален постар господин, без двоумење се одзва на нашата молба за разговор, независно од тоа што во овие времиња, полни со етнички набои, некои охриѓани ни велеа дека оваа тема треба да се остави, да не се гиба, нека остане онака како што било досега. Ова му го посочивме и на господин Сали, на што тој одговори:

„Во поранешна Југославија, како кустос-етнолог во Завод и музеј во Охрид, бев повикуван на многу семинари каде што имаше стручни полемики за повеќе прашања од етнологијата, историјата на народите што живееја во таа држава. Уште тогаш, во седумдесеттите години, судирите во гледиштата меѓу хрватските и српските етнолози и историчари не се криеја. Во една пригода, едните на другите си велеа: „Овој е наш”, мислејќи дека ќе застанам на некоја страна. Јас секогаш им одговарав: „Јас сум само свој”.

„Хаџи-Дургут џамијата во Охрид, според некои неофицијални сознанија, е градена во првите години од 16 век. Ја знам и легендата што кружи меѓу православното македонско население во Охрид. Јас во тоа не би навлегувал, но ќе ви кажам што имам јас слушано од постарите за тоа како на еден дел од минарето постои предмет кој личи на крст. Во нашите преданија се говори дека во последната деценија од 19 век, токму кај Хаџи-Дургут џамијата имало турска свадба. За време на веселбата, еден турски ага, чие име не се споменува, ја зел својата кубура и испукал во правец на џамијата. Тој немал намера да ја оштети џамијата, но во тој момент нешто го натерало да пука. Испуканото зрно од кубурата ја погодило sвездата на врвот од минарето, но не ја откорнало целата, туку само еден нејзин дел. Токму тој дел што сега стои личи на крст, па, најверојатно, според ова обележје го добила името Крст-џамија кај дел од овдешното население. Така говорат преданијата што се пренесуваат”, вели Абдулхак Сали.

Господинот Абдулхак Сали, кој во поранешната заедничка држава имал и највисоки функции во тогашната Исламска верска заедница, а и после тоа, е трпелив и толерантен човек. Пали цигара по цигара, но не од нервоза, туку од задоволство. Во паузата меѓу двете вовлекувања на тутунскиот чад се сеќава на убавите времиња кога меѓу луѓето во Охрид имало голема човечка толеранција, не само меѓуетничка туку обична, човечка. Ни посочува еден пример кој е актуелен и денес.

„На околу стотина метри од џамијата за која зборуваме, во близина на сегашното осумгодишно училиште, се наоѓа гробот на, народно речено, Агбаба. Се знае дека бил роден во Охрид, тука живеел и тука бил закопан. Им правел големи добрини на луѓето, без разлика на нивната верска или национална припадност. Токму на неговиот гроб и денес и православните Македонци, и други христијани, и турските верници фрлаат пари за здравје, среќа, за љубов”, објаснува Абдулхак Сали.

Извор: Villamilka
Автор: К.Терзијановски

извор: ФБ KRST DZAMIJA – Nasata maala.