АктуелноОхрид

На денешен ден во Охрид роден е Христо Узунов

На денешен ден во 1878 година, роден е големиот охридски и македонски револуционер Христо Узунов.

Христо Узунов (22 февруари 1878 – 24 април 1905 година) го претставува охридското револуционерно движење во времето на самосозревање на македонскиот народ. Татко му бил учител и активно вклучен во револуционерното движење. Неговата мајка била по потекло од Струга од семејството на преродбенскиот деец Ѓорѓи Чакалов.

Христо Узунов по востанието останал во татковината каде настојувал борбите да продолжат. На 24 април 1905 година Христо Узунов со неговата чета влегол во село Цер-кичевско заедно со крушевскиот војвода Ванчо Србаков каде бил обиколен од силни турски сили. Тие не добиле никаква помош. Христо Узунов тогаш пишува писмо упатено до сите чесни револуционери по што тој и неговите соборци се самоубиваат.

Тој поради револуционерната дејност бил затворан од тогашната османлиска власт. За време на Илинденското востание учествувал во повеќе востанички акции. И по задушувањето на востанието ја продолжил борбата за слобода на Македонија се до неговата смрт кога со 11 соборци, за да не им се предадат живи на османлиите се самоубиле на 14 април 1905 година.

Драмата во Цер

Во драмата во Цер, откако се нашле во безизлез, војводата Узунов и 11 комити од неговата чета се самоубиле со последните куршуми. За херојската борба, по стивнувањето на пукотниците, аксерот против кого се бореле, над мртвите тела на јунаците истрелал почесен плотун.

Христо Узунов е еден од плејадата големи македонски револуционери, учител и војвода, роднина на Григор Прличев.

„Уверен дека не ќе бидеме спасени, за последен пат ви испраќам братски поздрави. Спроти карпата каде што сме сега, го оставив во една дупка на ѕидот моето кесе со четири и пол наполеони, една лира и околу 40 гроша“.

Овие зборови се дел од писмото кое го напишал војводата Узунов, пред саможртвата што ја направил заедно со 11-мината соборци, во тогаш демирхисраското село Цер, кое сега административно припаѓа во Кичево.

Сведок на сликата од овој настан бил Италијанецот Еторе Лоди кој запишал:

„На другиот ден после бојот ја видов во Цер страшната слика што никогаш нема да ја заборавам. Труповите на 11 млади јунаци сите со отворени рани по градите и по челото. Се самоубија, за да не паднат живи во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв… Ја видов Македонија во тој момент – маченица, велика, непобедива“!