сабота, ноември 16, 2024
АктуелноОхрид

Ивановски: Во март навршуваат 10 години како се гради автопатот Кичево – Охрид, никогаш не се градело побавно, никогаш не било полошо

Никогаш не било полошо и во областа на инфраструктурата во Македонија. Никогаш помалку не се градело, а тоа што се гради никогаш не било понеквалитетно. Никогаш и не се градело побавн, вели Синиша Ивановски, претседател на Комисија за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ.

-Следниов март навршуваат 10 години од почетокот на изградбата на автопатот од Кичево кон Охрид. Македонија со оваа власт на СДС и ДУИ, со 10 годишната агонија во неградењето на овој автопат освен што придонесуваат за стагнација на туризмот и економијата овој автопат стана мета на подбив во целиот регион. Никогаш не се градело вака не-плански. Никогаш на ниедна претходна влада не и биле потребни 7 години за да изгради 2 километри автопат. А, оваа влада за 7 години не успеа ни тие 2 километри автопат да ги изгради од Скопје кон Блаце. Всушност оваа Влада во цели два мандата не изгради ниеден километар автопат. Никогаш не било полошо затоа што до сега не се случило од страна на ниедна претходна влада една година да држи затворен автопат иако на истиот е завршена градбата. Говорам за автопатот Демир Капија кон Смоквица. Не помниме влада со волку голем број на анекси на договори за зголемување на вредноста на капиталните проекти како и анекси за пролонгирање на роковите за изградба, кои да е комично, самите си ги задаваат роковите кои ги пробиваат, самите ги пробиваат, рече тој.

Ивановски порача дека никогаш не било полошо затоа што и странските фирми изведувачи на капиталните инфраструктурни проекти ги напуштаат проектите поради низа притисоци и сомнителни влијанија, а проектите се уште ни зјаат недовршени.

-Овде пред се мислам на железничката пруга кон Бугарија и на експресниот пат од Градско до Прилеп. Безбедноста во сообраќајот никогаш не била полоша. Заштитата на учесниците во сообраќајот се уште се врши со застарени, а и скоро напуштени методи. А, да не ги спомнувам жртвите од небезбедните железнички премини. Исто така никогаш не било полошо и за Македонски Железници. Повеќе немаме меѓународни линии. Укинат е возот од Солун кон Скопје, а и кон Белград. Се укинаа 2 линии Скопје-Кочани, се укинаа две линии 2 линии Скопје-Кичево, 3 линии Скопје-Битола, а и плус се укина деловниот воз „Пелагонија“ кон Битола. Или вкупно 8 линии во домашниот железнички сообраќај вклучувајќи го деловниот воз „Пелагонија“ се укинати, рече тој.

Посочи дека се откажуваат возови поради немање на дизел гориво за локомотивите, пред некој месец Македонски Железници остана и без струја, скоро 90% од железничкиот возен парк е надвор од употреба, а верувале или не само поради ненавремено сервисирање.

-Се на се ова се срамни податоци во областа на инфраструктурата. Никаква реализација нема државата на капиталните проекти. Затоа важно е да ги поразиме. Да ги поразиме затоа што заслужуваат да бидат поразени. Да ги поразиме затоа што не ја оправдаа довербата на граѓаните и не постои категорија на граѓани која што не е разочарана. Затоа што личниот интерес го ставија пред државниот интерес, и затоа ќе бидат поразени. Во Македонија со СДС и ДУИ никогаш не било полошо. Да ги поразиме затоа што Македонија заслужува подобро. Затоа што заслужува да ја предводат луѓе кои ја сакаат својата татковина.