недела, ноември 24, 2024
Охрид

Концерт за пијано со Мимоза Ќека

Реномираната македонска пијанистка Мимоза Ќека вечерва ќе одржи целовечерен концерт на музичкиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“. Во црквата „Света Софија“  со почеток во 21 часот, ќе изведе дела од Бетовен, Јаначек, Шопен и Лист.

Пијанистката Ќека на 26-годишна возраст се стекнува со титулата доктор по музичка уметност при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје под менторство на проф. Тодор Светиев и проф. д-р Димитрије Бужаровски. Врз нејзиниот професионален и уметнички развој силно влијаaт повеќемина исклучителни уметници вклучително маестра Лилија Зилберштајн, под чие менторство ги завршува магистерските студии и се стекнува со диплома магистер по музичка уметност.

Настапува како уметник – изведувач на рецитали,  како член на камерни ансамбли, пијано дуо и со симфониски оркестри. Нејзините интернационални гостувања вклучуваат концерти и солистички рецитали во Прага, Рим, Париз, Милано, Трст, Сиена, Бристол и Њујорк.

Нејзиниот репертоар се протега од барок до современи автори, изведувајќи широк спектар на музички дела. Во 2022 година, Мимоза Ќека го издава својот соло албум „Non-Fungible“ со музика од Бах, Скрјабин и Барбер.

Пијанистката Мимоза Ќека е носител на десет високи државни и меѓународни награди и признанија на натпревари во Италија, Франција, Србија, Босна и Херцеговина и С. Македонија и има настапувано на голем број мајсторски курсеви во престижни музички академии меѓу кои Академија Киџана во Италија.