Шо ти значело дрво? прашува Никола Паскали од нуркачки центар „Акватек“, археолог од Охрид. При тоа Паскали објави фотографија од Охридски Чинар, а под длабоката сенка на Чинарот многу туристи.
Инаку, Охридскиот чинар (Platanus orientalis), симбол на градот, со својата историја и убавина ги привлекува погледите не само на охриѓани, туку и на многубројните посетители. Седумте чинари и кочеџикот се и природна реткост прогласени од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Покрај повеќевековното стебло на плоштадот „Крушевска Република“, кое честопати е зборно место на туристите, заштитени се и чинарите во близина на Здружението на пензионери, во населбите Воска и Кошишта, пред зградата на Црвен Крст, кај Мини маркет и во Влашка Мала, како и единечното стебло Кочеџик во дворот на црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Пред овие дрвја беа поставени информативни табли со основни податоци за староста и називот на заштитените дрвја.
Според преданието, чинарот го засадил Св. Климент Охридски во IX – X век. Според други легенди, чинарот е засаден околу XV век. Во 2012 година во лоши временски услови отцепени се голема гранка и дел од стеблото, по што е извршена делумна заштита. Подоцна во декември истата година дрвото одново настрадало во невреме. Во септември 2017 година Советот на Општина Охрид го усвоил проектот за прогласување на Чинарот за споменик на природата и негова заштита.
фото: ФБ Никола Паскали