1. Серадосно благовестие од Цариград: Вселенската Патријаршија ја призна нашата древна и возобновена Охридска Архиепископија за канонска
Ден на Воскресение, да се просветиме, луѓе“, зашто стигна благата вест за воскресението на нашата славна и света, древна и најсакана Охридска Архиепископија! Како што некогаш Христовото Евангелие засветли среде нашиот народ преку светите и Божествени ромејски мисионери, рамноапостолните сесловенски просветители Кирил и Методиј, со благослов на свештениот Фотиј, Патријарх Константинополски, така и денес, со благослов на новиот Фотиј на нашето време – Неговата Божествена Сесветост, Архиепископот на Новиот Рим и Патријарх Вселенски г. г. Вартоломеј, дојде новото серадосно благовестие: нашата Црква не е повеќе во шизма и раскол, туку во канонско и евхаристиско единство со првопрестолната Мајка Црква во Константинопол, Вселенската Патријаршија, а преку неа и со сите помесни православни цркви во светот!
2. Сеправославно празнување на Крстовден во Светиот Град Ерусалим
Илјадници верници од сите страни на светот денес се слеаја во тоа најсвето место на Земјата, за заедно со архиереите и свештенослужителите да го прослават „оружјето на мирот, непобедливата победа“. Со Божествената Литургија чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Патријархот Ерусалимски г. г. Теофил, кому му сослужуваа уште десетина архиереи, меѓу кои и нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. За прв пат по векови, архиереј на нашата Црква, најсветата Охридска Архиепископија, беше удостоен врз својата глава да го носи Чесниот Крст, испраќајќи четворен благослов од четиристраната Светиња за сите нејзини чеда. Заедно со светите архиереи, служеа и неколку десетици архимандрити, јеромонаси и свештеници од разни краишта на вселената, а меѓу нив и бигорскиот архимандрит Доситеј и јеромонасите Кирил и Анатолиј. Со својата вештина во црковните работи тука беше присутен и нашиот собрат неуморниот монах Аверкиј.
3. Педесетница во „Горната Одаја“ на Мајката Црква во Константинопол
Ете, ни настапи најрадосниот ден на Педесетницата! Великиот благослов со доаѓањето на Светиот Дух се спушти на учениците Христови и на Светата Црква Негова. Мајката Црква во Константинопол се радува и ликува во сета полнота, бидејќи ја прими во прегратките својата одамна очекувана и изнамачена ќерка, древна и историска Охридска Архиепископија, која во дворовите Господови на Патријаршискиот храм на Свети Георгиј во Фанар зачекори, чувствувајќи се безбедно и љубовно во својот дом, кој е заеднички за сите сестрински помесни цркви и каде сета православна екумена ги излева своите молитви, ги споделува своите радости и таги, ги полага своите надежи и црпи Божествени вдахновенија и сили од сечесниот Центар на распнатата за сите Црква Христова, подобно на Спасителот Христа, како Негово тело.
4. Пет монашки рожби за Иванден во Бигорски
Оваа година, Претечата Господов сештедро ја посипа својата Обител со неискажливи благослови. Тој, кој е началник на монашкото жителство и тајноводец во тоа големо таинство на љубовта меѓу Бог и човекот, ја вознагради Бигорската Обител со нови пет монашки рожби, засадени во дворовите негови, а израснати при родителската саможртвена љубов и грижа на нашиот духовен татко, учител и старец, Епископот Антаниски г. Партениј. „Побрзај да ми ги отвориш Татковските прегратки…“ – прозвучи во храмот неговиот умилителен глас, додека ги приведуваше своите чеда кон олтарот на себеодрекувањето и сецелото принесување во служба на Бога. За прв пат во поновата историја на Бигорскиот Светилник, пет богољубиви души одеднаш се облекоа во светата ангелска схима, станувајќи монаси на Господа Исуса Христа. Нивното монашко потстрижение, согласно востановената традиција, се изврши преку рацете на нашиот почитуван и монахољубив Пименарх, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Од овој свет доброволно се одрекоа и за „новото небо и новата земја“ се родија отците и браќата наши монаси: Јоаникиј, Јоаким, Филип, Ангелариј и Григориј.
5. „1000 години – Сведок на Светлината“
Во дух на длабока убавина и висока културна свест, вчеравечер се одржа премиерата на документарниот филм „1000 години – Сведок на Светлината“, со што се заокружи прославата на големиот јубилеј посветен на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот Манастир на Чесниот Претеча.
Во свечениот амбиент на големата сала на Македонскиот народен театар, освен Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан, Епископот Стобиски, г. Јаков и нашиот Старец, Епископот Антаниски, г. Партениј, беа присутни и Претседателот на Р. С. Македонија, г. Стево Пендаровски и првата дама, г-ѓа Елизабета Ѓеорѓиевска, министерот за внатрешни работи г. Оливер Спасовски, за финансии г. Фатмир Бесими, за одбрана г. Славјанка Петровска, за правда г. Никола Тупанчевски, градоначалничката на Скопје г-ѓа Данела Арсовска, претставници од политичкиот и општествен живот, академици, професори, актери, музичари, видни лица од македонското општество – сите љубители на убавото и доброто.
6. Божикен концерт на радоста
Во вечерните часови на 9 јануари, денот посветен на Светиот првомаченик Стефан, во прекрасниот амбиент на големата сала на Македонската филхармонија се одржа долгоочекуваниот прв Божикен концерт на традиционални празнични каланди.
На свечениот концерт, кој беше своевидна круна на тридневното торжество на Христовото раѓање и ги заокружи годинешните активности на огромниот број пожртвувани членови и волонтери на здружението „Бадникови поворки“, присутни беа дел од црковните великодостојници, меѓу кои и нашиот Блаженејши Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Епископот Стобиски г. Јаков, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, како и голем број политичари, професори, општествени дејци, монаси, музичари и пријатели соработници на Бадниковите поворки.
7. „Божикна серенада“
Видео записот за ,,Божикна серенада“ како шести по ред традиционален Божикен подарок од Бигорскиот манастир и Бадникови поворки, е завршен и Ви го предаваме со најголема љубов.
Радувајте се, веселете се, делете љубов, бидете милостиви! Христос се Роди!
Овој видео запис ја оживува серенадата преку една прекрасна божикна песна којашто на најубав начин ја покажува православната традиција и семејните вредности на македонскиот народ. Низ една филмска приказна не’ враќа во минатото на Битола, градот којшто серенадата ја има како дел од својата културна традиција.
8. Велигденски и Ѓурѓовденски концерт во Кичево
Третата недела од Светата Пасха, посветена на светите жени Мироносици и на благообразните Јосиф и Никодим, донесе голема пасхална радост во Кичево. Имено, со благослов на почитуваниот наш Митрополит г. Тимотеј Дебарско-кичевски и со благослов и иницијатива на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, вчеравечер во НУ Центар за култура „Кочо Рацин“ се случи културно-уметнички настан со големо културолошко значење за Кичево. Впрочем, ова е прв концерт од ваков вид во Кичево и општо земено, прв духовно-културен настан по подолго време, на кој кичевчани одговорија со сето срце и со голем восхит, исполнувајќи ја докрај салата од Центарот за културата.
9. Литургија во Гробот на Пресвета Богородица во Гетсиманија
На Гробот на Онаа Која Го роди Испразнителот на гробовите човечки, нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, сослужуваше со Митрополитот г. Јоаким, на преубавата Литургија, која ги вознесуваше нашите души во благодатните прегратки на Царицата Мајка. Заедно со овие две благословени чеда на Богомајката, кои со своите души се силно прилепени кон Неа, служеа и Архимандритот Дионисиј, Игумен на свештеното поклониште на Темницата каде што бил затворен Христос, Архимандритот Доситеј и јеромонасите Кирил и Анатолиј од Бигорската Обител, како и други четири свештенослужители од православната Црква на Србија.
10. Еордијата на Победоносецот ја освои Струга
Одново торжествен восклик низ струшките улици. Митрополитот Дебарско – Кичевски, г. Тимотеј, епископот Хераклејски, г. Климент, епископот Антаниски, г. Партениј, монаси, монахињи, свештеници, ѓакони, огромен број верен народ од сите краиштана земјава, па дури и пошироко, сите сплотени во пасхалната радост, традиционално го обиколија градот со моштите на свети Георгиј, неговата чудотворна икона и Крнинската чудотворна икона на Божјата Мајка. Среде благолепната и торжествена Еордија присутни беа и претставници на политичките партии. Надевајќи се на закрилата на Победоносецот и неговото застапништво за нас пред Седржителот, сите се радуваа на коњаникот на бел коњ, облечен во воена облека идентична на онаа од времето кога живеел светиот воин. Децата радосно ги подаваа своите раце кон луѓето подарувајќи им велигденски јајца, неизоставен дел од Еордијата.
Бигорски манастир