Во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, СВР Охрид спроведува мерки против нелегалната трговија со пиротехнички средства, а одделението за превенција отпочна со едукативно – превентивни предавања и презентации за учениците во основните и средношколските центри.
Целта е укажување за сите штетни последици по човековото здравје од употребата на пиротехнички средства и запознавање со законските последици кои произлегуваат од неовластената употреба на пиротехниката. Согласно Законот за заштита од експлозивни материи, пиротехнички производи се средства што се употребуваат за огномети, како и предмети што содржат прскави состојки кои со дејство на експлозив или други состојки служат за постигнување ефекти на оган, чад, светлина и пукање и, се класифицирани како експлозивни материи.
Пиротехничките средства, во Законот за заштита од пиротехнички средства, се кфалификуваат како експлозивни материи, со кои промет единствено можат да вршат правните субјекти кои се регистрирани за таква дејност. Во согласност со истиот закон, промет со експлозивни материи можат да вршат трговски друштва кои се регистрирани за таква дејност во централниот регистар и имаат одобрение за дејноста од МВР.
Против сите граѓани кај кои ќе бидат пронајдени петарди и други пиротехнички средства ќе бидат поднесени соодветни пријави.