АктуелноОхрид

„Отворен кабинет за талентирани ученици“ во Вила Билјана во Охрид

Единаесет талентирани ученици од основно и средно образование, од областа на информатиката меѓу кои и ученици кои освоиле прво, второ или трето место на меѓународни натпревари од оваа област со нивните ментори, викендов беа дел од активноста во Охрид „Отворен кабинет за талентирани ученици“ во соработка со Здружението на информатичари на Македонија.

Учениците заедно со нивните ментори имаа можност да ја посетат Вила Билјана во Охрид, при што им беа претставени историски податоци за објектот, беа информирани за работата и надлежностите на претседателот Пендаровски, а ги посетија и просториите во коишто се одржуваат официјалните и работните средби. Посетителите имаа можност да се сретнат и лично да поразговараат со претседателот Пендаровски и неговата сопруга, Елизабета Ѓоргиевска.

Исто така, учениците имаа две стручни сесии кои вклучуваа презентација и решенија од интернационалната олимпијада по информатика, како и работа со талентирани ученици.

Учесниците на „Отворен кабинет за талентирани ученици“ ги посетија и културно-историските знаменитости на Охрид.

Кабинетот на претседателот во насока на поддршка на талентираните ученици ќе продолжи и понатаму да организира повеќе активности со кои ќе се вреднува и стимулира нивниот труд и постигнати резултати.

извор и фото: Кабинет на Претседател