Полицијата лиши од слобода 55-годишен охриѓанец, кој се сомничи дека го предизвикал пожарот што вечерва избувна во станбена зграда во охридската населба Даљан, на улицата „Гоце Делчев“.
Според официјалното соопштение на СВР Охрид, осомничениот го предизвикал пожарот во својот стан, по што била неопходна итна интервенција на полицијата, Територијалната противпожарна единица и медицинските екипи.
Со брзата интервенција на надлежните служби биле евакуирани повеќе жители на зградата, додека осум лица со повреди и потешкотии при дишењето со возила на Итната медицинска помош биле пренесени во Општата болница во Охрид.
Од полицијата информираат дека во координација со останатите надлежни служби се преземаат дополнителни мерки за поддршка на станарите и смирување на состојбата.
По целосно документирање на настанот, против 55-годишниот охриѓанец ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „Предизвикување општа опасност“.
Во официјалното полициско соопштение засега нема дополнителни информации за начинот на кој бил предизвикан пожарот, степенот на повредите на хоспитализираните лица и висината на материјалната штета. Извор: СВР Охрид


















