АктуелноОхрид

ПОВТОРНО МИЛЕНЦИЊА НА ДРВЈАТА ВО ОХРИД – ОВОЈПАТ ВО ХОЛАНДСКИОТ ПАРК

Во Охрид продолжува необичната практика на поставување рачно плетени миленциња во различни бои на стеблата на дрвјата. Овојпат вакви украси се појавија и во Холандскиот парк.

 

Миленцињата очигледно се рачна изработка, плетени според димензиите на стеблата, што укажува дека некој вложува значително време и труд во нивната изработка. Но, се поставува прашањето која е вистинската цел на ваквото украсување на дрвјата и дали тоа навистина придонесува за поубав изглед на градот. Вакви миленциња веќе подолго време има на повеќе дрвја долж улицата „АСНОМ“.

 

Изложени на дожд, прашина и други атмосферски влијанија, тие со текот на времето се валкаат, собираат нечистотии, а прашината наталожена на нив при дожд се претвора во кал. Наместо украс, постепено стануваат непријатна глетка.

Миленцињата што сега се поставени во Холандскиот парк се нови, во различни бои и сè уште не се извалкани. Но, искуството од улицата „АСНОМ“ покажува како изгледаат ваквите плетени украси по подолго време поминато на отворено. Останува нејасно зошто некој вложува толкав труд во рачно плетење миленциња за дрвјата, особено кога нивниот изглед брзо се менува под влијание на временските услови.

 

Она што можеби првично било замислено како интересна и креативна идеја, со нејзиното ширење низ градот и без соодветно одржување, полека се претвора во практика чија естетска вредност станува сè посомнителна. Дали ваквото украсување навистина го разубавува Охрид или само создава дополнителна нечистотија на дрвјата и во јавниот простор?