Во присуство на голем број верници, свештенослужители и почитувачи на црковната историја, во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во селото Кнежино беше одржана промоцијата на книгата „Кичевско архиерејско намесништво (1914–2026)“, чиј автор е отец Ристе Наумоски.

Настанот се одржа на 15 ноември, а започна со Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.

По богослужбата, во манастирската сала се одржа промоцијата на книгата, посветена на повеќе од еден век црковна историја, духовен живот и развој на Кичевското архиерејско намесништво.

На присутните им се обрати авторот, отец Ристе Наумоски, кој го претстави своето дело и значењето на истражувањето и документирањето на црковното минато, како трајно сведоштво за духовното наследство на Кичевскиот крај.

Свое обраќање имаше и митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, кој ја истакна важноста на зачувувањето на црковната историја, традицијата и споменот за генерациите кои го граделе и негувале духовниот живот во овој регион.

Промотор на книгата беше д-р Никола Митровиќ.

Делото „Кичевско архиерејско намесништво (1914–2026)“ претставува значаен придонес во документирањето и зачувувањето на црковното и духовното наследство, оставајќи пишано сведоштво за историските текови, црковниот живот и развојот на намесништвото низ повеќе од еден век.

Промоцијата помина во духовна и свечена атмосфера, со присуство на бројни верници кои со своето присуство дадоа поддршка на авторот и на напорите за зачувување на црковната историја.



















