Граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“, која се бори против насилството врз жените, фемицидот и сите форми на родово базирано насилство, преку објава на Инстаграм упати остра реакција против обидите за партиско вмешување и политичка инструментализација на граѓанските протести.
Реакцијата доаѓа во период кога во Охрид има силен граѓански револт по случајот со бруталното претепување на млада девојка, кој ја вознемири охридската и македонската јавност. Од иницијативата испраќаат јасна порака дека граѓанските протести не смеат да бидат предмет на партиски влијанија и притисоци. „Ги осудуваме сите партиски упади и притисоци врз организацијата на било кој протест и израз на граѓанско незадоволство во периодов што следува“, се наведува во нивната објава.
Од „Ниту една повеќе“ нагласуваат дека секој обид женското движење и граѓанскиот бунт да бидат искористени за политички цели е недозволив. „Секој обид женското движење и бунт да се инструментализираат од страна на било која партија и политички структури е недозволиво и е дел од проблемот“, порачуваат од иницијативата.
Во својата реакција тие директно ја посочуваат и одговорноста на политичките партии и нивните женски ограноци, оценувајќи дека токму политичките структури располагаат со механизми за системско решавање на проблемите, но дека досега не презеле доволно мерки. „Политички партии и нивните женски ограноци имаа и имаат моќ системски да го решаваат проблемот и треба соодветно да преземат одговорност за своето децениско непостапување“, се наведува во објавата.
На крајот, иницијативата испраќа силна порака дека граѓанскиот револт им припаѓа на граѓаните, а не на политичките партии. „Улиците и протестите ни припаѓаат нам, граѓанските!“ „ГНЕВОТ НЕМА ДА НИ ГО ЗЕМЕТЕ.“ Со оваа реакција „Ниту една повеќе“ јавно се спротивставува на политичкото присвојување на граѓанските протести и бара од политичките структури да преземат институционална одговорност за спречување на насилството врз жените, наместо да се вмешуваат во граѓанските иницијативи.
Извор: Инстаграм-профилот на граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“.
View this post on Instagram


















