Со силни емоции, носталгија и спортски дух, првиот Меморијален пливачки натпревар „Кире Ѓоргон“ во Струга донесе посебен момент за ветераните на Пливачкиот клуб Струга, кои по цели 25 години повторно се вратија во базенот каде ги направија своите први пливачки чекори.
На натпреварот учествуваа пливачки клубови од Струга, Охрид и Битола, а посебно внимание привлекоа трките на ветераните, за кои оваа спортска манифестација имаше многу поголемо значење од самото натпреварување.
Тие се последната генерација пливачи која настапуваше во струшкиот базен пред неговото затворање. По повеќе од две децении без функционирање на базенот и без пливачки натпревари во градот, повторно се слушна стартниот сигнал, а ветераните се вратија на местото каде ги поминале дел од најубавите спортски денови од својата младост.
Особено значајно е што ветераните на ПК Струга беа најбројни на натпреварот. Во женската конкуренција победата ја освои Ирина Јолдеска, додека во машката конкуренција Дарко Паскоски го освои второто место.
Сепак, како што посочуваат од клубот, резултатите овојпат беа во втор план. Најголемата победа беше повторното обединување на една пливачка генерација, обновувањето на старите пријателства и враќањето на спомените од времето кога во струшкиот базен се создаваа пливачи и шампиони.
Пливачкиот клуб Струга, основан во 1947 година, веќе се подготвува за одбележување на голем јубилеј. Во 2027 година клубот ќе прослави 80 години постоење и осум децении пливачка традиција во Струга.
Од клубот најавуваат дека јубилејот ќе биде одбележан со посебен настан, на кој се очекува повторно да се соберат бројни генерации пливачи, вклучувајќи ги и ветераните кои овојпат не биле во можност да присуствуваат.
Со порака дека традицијата продолжува преку новите генерации и секое дете кое ќе ги направи своите први пливачки чекори, од ПК Струга ја испраќаат и пораката што најдобро ја отсликува нивната долгогодишна љубов кон овој спорт:
„Еднаш пливач – засекогаш пливач!“
ПК СТРУГА – 1947–2027
80 години љубов, традиција и посветеност кон пливањето!


















