АктуелноОхрид

Охридскиот кардиолог д-р Благоја Стефаноски со научен труд објавен во престижно европско медицинско списание

Уште еден значаен успех за охридското здравство. Интервентниот кардиолог д-р Благоја Стефаноски од Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид е автор на научен труд објавен во меѓународното медицинско списание „European Heart Journal – Case Reports“, кое го издава Oxford University Press.

Како што објави порталот zdravi.mk, трудот обработува сложен медицински случај на 40-годишна пациентка со акутен срцев инфаркт, кај која по првично успешна интервенција се појавила ретка и животозагрозувачка компликација – перфорација на коронарна артерија и срцева тампонада.

Благодарение на навремената реакција и успешно изведената дополнителна интервенција на охридскиот медицински тим, компликацијата била санирана, а пациентката успешно закрепнала.

Научниот труд, објавен на 16 октомври 2026 година, е потпишан од д-р Благоја Стефаноски, Бранка Милачиќ и Елена Коваческа Башуроска.

Објавувањето на овој клинички случај во меѓународно научно списание претставува значајно признание за стручната работа на охридските кардиолози. Нивното искуство со лекување на ретка и опасна компликација станува достапно за медицинската јавност ширум светот.

Овој успех уште еднаш го потврдува значењето на охридската кардиологија во развојот на современата интервентна медицина во Македонија.

Повеќе детали за медицинскиот случај, интервенцијата и научната публикација прочитајте во целосната информација објавена на специјализираниот здравствен портал zdravi.mk.