ЈП „Водовод и канализација“ – Струга информира дека проблемите со нередовното и недоволно снабдување со вода во Општина Струга во изминатиот период биле предизвикани од намалената издашност на изворите, како последица на неповолната хидролошка состојба.
Од претпријатието посочуваат дека недостигот на вода во изворите бил главната причина за рестрикциите, нагласувајќи дека, со исклучок на дефектот од 28 октомври 2026 година, предизвикан од трета страна и во меѓувреме саниран, проблемите не биле резултат на дефекти во водоводниот систем.
Во соопштението се наведува дека претпријатието во изминатиот период работело и на отстранување на повеќе дефекти, дел од нив долгогодишни, со цел намалување на загубите на вода и подобрување на условите за редовно водоснабдување.
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека состојбата со изворите постепено се подобрува и дека во наредниот период се очекува зголемување на количините на вода што се зафаќаат преку системот, што би требало да придонесе за надминување на актуелните проблеми.
Паралелно со тоа, во соработка со надлежните институции и експерти од областа се работи на изнаоѓање долгорочно решение за стабилно водоснабдување на жителите на Општина Струга.
Предлозите за трајно решавање на проблемот, како што информираат од претпријатието, наскоро ќе бидат доставени до надлежните органи и институции.
Од ЈП „Водовод и канализација“ упатуваат апел до граѓаните за разбирање и уверуваат дека посветено работат на надминување на проблемите со водоснабдувањето.

















