Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација оствари одличен настап на меѓународниот таеквондо ИТФ натпревар „Србија опен 2026“, кој се одржа во Нови Сад, Србија. Во силна меѓународна конкуренција, 18 натпреварувачи од македонската федерација освоија вкупно 16 медали – четири златни, три сребрени и девет бронзени, потврдувајќи го квалитетот и потенцијалот на младите македонски таеквондо-борци.
На натпреварот учествуваа 564 натпреварувачи од 14 европски земји: Македонија, Србија, Грција, Бугарија, Чешка, Молдавија, Босна и Херцеговина, Белгија, Словачка, Украина, Ирска, Италија, Франција и Хрватска. Дополнителен предизвик за сите учесници беше силната конкуренција, особено имајќи предвид дека Грција, Бугарија, Чешка, Ирска и Молдавија настапија со комплетните национални репрезентации.

Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација настапи под водство на Марјанчо Лазаревски, Божидар Димитриевиќ и меѓународниот судија Давид Велковски.
Боите на Македонија ги бранеа 18 натпреварувачи од клубовите ХВА РАНГ ИТФ Лескоец – Охрид, СОНКАЛ Мислешево – Струга, МАСТЕР – Охрид и ГЕБЕК – Ресен.
Македонските натпреварувачи се натпреваруваа во дисциплините форми и борби, покажувајќи борбеност, храброст и пожртвуваност и остварувајќи резултати за почит на еден квалитетен меѓународен натпревар.

Лазаревски: Младите натпреварувачи се иднината на нашиот спорт
Претседателот на Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација, Марјанчо Лазаревски, изрази големо задоволство од настапот на младите натпреварувачи, нагласувајќи дека нивниот успех не се мери само преку освоените медали, туку и преку храброста, пожртвуваноста и начинот на кој ја претставуваат државата.

„Огромно задоволство ми е кога ќе видам како нашите млади натпреварувачи стануваат борци и уште од мали нозе даваат сè од себе за да освојат медал на вакви квалитетни натпревари. Пред сè, тие покажуваат храброст и пожртвуваност, достојно претставувајќи ги боите на Македонија.
Ме радува и тоа што имаме млади генерации кои ветуваат светла иднина за нашиот спорт и кои се пример за своите врсници како треба достоинствено да се претставува сопствената држава. За нив, и самото учество на ваков меѓународен натпревар претставува огромен успех“, изјави Лазаревски.

Тој упати голема благодарност до генералниот спонзор „ПН МЕТАЛ“, Општина Охрид и Министерството за спорт, кои ја поддржуваат работата на федерацијата и придонесуваат за остварување нови спортски успеси.
Следен предизвик – квалификациски настапи за Европското првенство
Од Федерацијата најавуваат и нови спортски предизвици. Според најавата на претседателот Лазаревски, на 29 ноеммври 2026 година треба да се одржи уште еден натпревар „Перник опен 2026“, на кој неколку натпреварувачи на Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација ќе се обидат да ги исполнат критериумите за учество на следното Европско Таеквон-до ИТФ првенство, кое треба да се одржи во Белград.

Успехот во Нови Сад претставува значаен поттик за младите македонски спортисти и потврда дека со посветена работа, квалитетна подготовка и континуирана поддршка можат да се постигнуваат забележителни резултати и на меѓународната сцена.
Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација упатува посебна благодарност до генералниот спонзор „ПН МЕТАЛ“, Општина Охрид и Министерството за спорт за нивната поддршка во развојот на таеквондото и остварувањето на овие резултати.
Комплетна листа на освоени медали

Златни медали – 1. место
- Стојаноска Меланија – Форми (Pattern Girls 10–11 years, 9–7 Grade)
- Шибаковска Христина – Форми (Pattern Youth U-18 Female 16–17 years, 8–7 Grade)
- Чулческа Анастасија – Форми (Pattern Youth U-18 Female 16–17 years, 4–3 Grade)
- Шибаковски Христијан – Форми (Pattern Boys 12–13 years, 9–7 Grade)
Сребрени медали – 2. место
- Ѓорески Теодор – Форми (Pattern Boys 10–11 years, 9–7 Grade)
- Крстеска Ана – Борби (Sparring Girls 10–11 years, 39 kg)
- Наумоска Тара – Борби (Sparring Girls 8–9 years, 42+ kg)
Бронзени медали – 3. место
- Андоновски Димитар – Форми (Pattern Boys 12–13 years, 9–7 Grade)
- Наумоска Тара – Форми (Pattern Girls 8–9 years, 9–7 Grade)
- Наумоска Ива – Форми (Pattern Girls 10–11 years, 9–7 Grade)
- Тодоровска Теодора – Форми (Pattern Youth U-18 Female 16–17 years, 6–5 Grade)
- Ѓорески Теодор – Борби (Sparring Boys 10–11 years, 50 kg)
- Наумоска Ива – Борби (Sparring Girls 10–11 years, 43 kg)
- Тодоровска Теодора – Борби (Sparring Youth U-18 Female 16–17 years, 60 kg)
- Стојаноска Меланија – Борби (Sparring Girls 10–11 years, 31 kg)
- Чулческа Анастасија – Борби (Sparring Youth U-18 Female 16–17 years, 60 kg)
Со освоените 16 медали, младите таеквон-до ИТФ борци од Македонија уште еднаш покажаа дека се достојни претставници на македонскиот спорт и дека пред нив претстои светла иднина исполнета со нови предизвици и успеси.


















