АктуелноОхрид

Струшките пливачи со медали од меѓународниот натпревар во Босна и Херцеговина

Струга продолжува да бележи успеси во пливањето. Младите пливачи Нарт Домазети и Јован Кутаноски освоија златен и бронзен медал на меѓународниот натпревар во Босна и Херцеговина, на кој учествувале повеќе од 450 натпреварувачи од неколку земји.

На натпреварот, клубот „3 Дисциплини“ од Струга настапил како единствен претставник од градот. И покрај тоа што учествувал со дел од својата натпреварувачка екипа, клубот остварил забележителен резултат, со два освоени медали и пласман во финалето меѓу осумте најдобри.

Покрај медалистите, признание за својот настап заслужуваат и Матеј Лазороски, Петар Шикоски, Јана Биљетина, Горјан Шумуликоски и Христијан Нически, кои, според информациите од клубот, биле на само една секунда од освојување медал.

Посебно внимание се посветува и на најмладите членови на клубот, меѓу кои се Боран, Алина, Етрит и Игнатиј, дел од групата од 20 деца родени од 2017 до 2020 година. Настапите на вакви натпревари им овозможуваат да стекнуваат искуство, да ја почувствуваат натпреварувачката атмосфера и да напредуваат во спортот.

Од клубот ја истакнуваат важноста на континуираната работа со младите и упатуваат благодарност до Општина Струга за поддршката што овозможила учество на натпреварот.

Успехот на Нарт Домазети и Јован Кутаноски, заедно со настапите на нивните клубски колеги, претставува уште една потврда за потенцијалот на струшкото пливање и посветеноста на младите спортисти.