АктуелноОхрид

(ВИДЕО) Одлична изворна програма на Охридските староградски средби 2026

На 38-те Охридски староградски средби  што се одржаа на 18 септември во Центарот за култура 2Григро Прличев“ во Охрид со многу успешно одбрана изворна програма се претставија пејачки групи, фолклорни ансамбли и културно уметнички друштва од шест градови од Р. Македонија и тоа, Скопје, Струга, Кичево, Прилеп, Штип и Охрид.

КУД „Далги“ при ЗП Охрид и Дебрца на средбите го презентираше охридскиот мелос и изворната староградска староградска песна и игра исполнувајќи ја љубовната песна „Сништи минав крај рајската градина„.

А со песната „Те видов тебе и се заљубив“ која се пее и денес со посебни емоции од охридските моми и ергени, пензионерите со сценска изведба ја раскажаа приказната за „Охридското Бало“ -танцот на младите , кое во Охрид се играло во 19 век, при вкрстувањето на отоманската со европската цивилизација, со сите манири на културно однесување. Во тој период „Балото“ го играле младите од потесното семејство како брат, сестра, најблиските роднини и момите со своите другарки.

Охридските чалгиски тајфи  неуморно ги свиреле и пееле старите песни и ора, го опеале и добро познатиот ѓеврек, а членовите на КУД „Далги“ го одиграа како  „старо охридско мешано оро“.

Секоја охридска песна и оро има своја приказна која тера на радост , на тага, зборува за судбините, чуствата, љубовта на младите . КУД „Далги“ со прикажување на традиционалното музичко и културно богатство и оригиналната сценска изведба му даде убав белег на овие средби, за нашето изворно творештво кое треба неуморно да се чува и негува. Тоа е пораката од највозрасниот учесник,играорец, кореограф и уметнички раководител на КУД „Далги“ , проф. Ристо Трајкоски.

Сите учесници во програмскиот дел на охридските староградски средби со голем аплауз беа поздравени од присутната публика.

 

 

 

ЗП Охрид и Дебрца

Комисија за информирање