Со особена духовна радост, манастирската обител „Света Богородица Пречиста“ во Кичево се подготвува за одбележување на својата манастирска слава, која годинава ќе биде збогатена со уште еден значаен духовен настан – монашко пострижение.
На 20 септември, со почеток во 18 часот, ќе биде отслужена празнична Вечерна богослужба, на која молитвено ќе претстојат и ќе чинoначалствуваат Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј и Старецот на манастирот, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј.
Во рамките на Вечерната богослужба ќе се изврши монашко пострижение на една монашка рожба, која ќе биде облечена во светиот ангелски монашки образ. Со овој чин, празничната радост на манастирската обител ќе биде дополнително збогатена со уште едно монашко принесување и доброволно предавање во целосна служба на Христа и Неговата Света Црква.
Духовните свечености ќе продолжат на 21 септември, кога во утринските часови ќе биде отслужена Светата Божествена Литургија.
Од манастирската обител ги повикуваат сите верници и почитувачи на Пречиста молитвено да земат учество во овие свечености и заедно да ја споделат радоста од овој значаен духовен настан.


















