Приказната за малото херојче Алексеј, споделена од неговиот татко Стефан, е моќен потсетник дека зад секоја медицинска дијагноза стои бескрајна љубов, храброст и нескршлива надеж. 

Во месецот на свесноста за Душенова мускулна дистрофија (DMD), преку серијалот „Вистински приказни за ретките херои“, ја пренесуваме оваа емотивна и инспиративна приказна.
ПРИКАЗНАТА НА АЛЕКСЕЈ – ПРИКАЗНА ЗА НАДЕЖТА 

Приказната на Алексеј започнува како и секоја детска приказна – со раѓање исполнето со љубов, среќа и најголеми соништа. 

Уште од самото раѓање, кај Алексеј биле забележани високи вредности на ензимот CK (креатин киназа). Со цел да се проверат сомнежите за мускулна дистрофија, лекарите препорачале генетско испитување во МАНУ.
Кога Алексеј имал само шест месеци, резултатите потврдиле присуство на генетска промена поврзана со мускулна дистрофија. Иако дијагнозата донела многу прашања и неизвесност, Алексеј денес расте со огромна љубов и насмевка. Тој се развива исто како и другите деца, а засега нема појава на симптоми.
Зад резултатите од испитувањата стои мало дете со голема насмевка и семејство кое секојдневно верува во подобро утре. Таткото Стефан ја споделува оваа приказна за да ги охрабри сите семејства кои се соочуваат со ретки заболувања никогаш да не ја изгубат надежта. 

Алексеј е многу повеќе од дијагноза – тој е детство, насмевка и победа! 
Секоја приказна е важна.















