Од своето формирање до денес, ЈЗУ Општа болница Охрид разви 24 работни единици, меѓу кои особено место има Работната единица за детски болести.
Нејзината мисија отсекогаш била јасна: обезбедување здравствена заштита за деца од најмала,неонатална возраст до 14-годишна возраст преку 24-часовна амбулантска служба, дежурства, стационарно лекување, дијагностика, примена на соодветна терапија и континуирано следење на клиничката состојба до оздравување.
Пред 5 години, поради сериозен недостиг на доктори специјалисти по педијатрија, одделението за педијатрија беше принудено да го намали обемот на работа и да функционира како амбуланта со ограничено работно време. Во тој период децата кои имаа потреба од хоспитализација, подетална дијагностика и болнички третман беа упатувани во Општата болница во Струга. Тоа беше тежок период и за здравствениот систем и за семејствата.
На 01.09.26 година во ЈЗУ Општа болница одбележуваме значајна годишнина – годишнина од ревитализацијата на Одделението за Педијатрија при ЈЗУ Општа болница Охрид. Овој ден не е само административен датум, тој е доказ за истрајноста, професионалноста и човечноста на генерации здравствени работници кои својот животен и професионален пат го посветиле на најчувствителниот дел од нашето општество – децата.
Пред една година беше направен решителен чекор-после 5 години повторно се воведе 24 часовно работно време на одделението со што покрај амбулантскиот третман се овозможи и хоспитална грижа за децата што претставува значаен исчекор во унапредувањето на педијатриската здравствена заштита во регионот. Благодарение на истрајноста и пожртвуваноста на вработените на одделението за педијатрија за една година се реализирани околу 10.000 прегледи, а хоспитализирани беа околу 120 деца.
Одделението располага со амбулантски простор, болнички соби со кревети кои со своите капацитети одговараат на потребите на населението на градот Охрид. Но мора да се има предвид дека Охрид е туристички град и во текот на туристичката сезона бројот на пациенти се зголемува за 30 до 40 проценти, што дополнително го оптоварува системот и персоналот.
Изминатиот период со поддршка од хумани граѓани и организации, преку бројни донации како и со средства обезбедени од менаџментот на болницата е обезбедена современа медицинска и немедицинска опрема со што директно се подобрува квалитетот и безбедноста на здравствените услуги за најмалите пациенти. Меѓу другото обезбедени беа: инхалатори, педијатриско Екг, пулсоксиметар со неонатален сензор, апарат гасен-анализатор, аспиратор, 3 нови клима уреди, 7 грејни тела, 4 телевизори,медицински креветчиња, над 50 детски чаршафи и кебиња,нови униформи за персонал, мала детска библиотека, како и санација на тоаелети.
„Големината на едно општество не се мери по неговите згради, туку по начинот на кој се грижи за своите деца.“
Нека оваа мисла биде поттик за уште поголема поддршка, за нови кадри, за подобри услови и за продолжување на благородната мисија на Одделението за детски болести при ЈЗУ Општа болница Охрид.

















