АктуелноОхрид

Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј присуствуваше на презентацијата на мозаичната икона „Исус Христос на престол“

На 7 август 2026 година, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј присуствуваше на свечената презентација на мозаичната икона „Исус Христос на престол“, што се одржа во Галеријата на икони во Охрид.

Настанот беше организиран по повод одбележувањето на 75-годишнината од основањето на НУ Завод и Музеј – Охрид и претставуваше можност пред пошироката јавност повторно да биде изложено едно од исклучително вредните сведоштва на византиската уметничка и духовна традиција во Охрид.

Мозаичната икона „Исус Христос на престол“, датирана во XIV век, била откриена во 1960 година во храмот „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид. Станува збор за исклучително редок пример на пренослива мозаична икона од византискиот период, која со својата уметничка и историска вредност сведочи за високото ниво на византиската култура и за значењето на Охрид како еден од големите духовни и културни центри на христијанскиот Исток.

Во рамките на настанот, присутните имаа можност одблизу да се запознаат со историската, уметничката и духовната вредност на ова уникатно дело, кое и денес сведочи за нераскинливата поврзаност меѓу верата, богослужбениот живот и христијанската уметност во древниот Охрид.

 

 

 

 

dke.org.mk