На 14 и 15 јули 2026 година, торжествено беше прославен празникот „Полагање на чесната риза на Пресвета Богородица во Влахерна“ во истоимениот манастир „Пресвета Богородица“ – Заум, кој со својата духовна убавина и вековна историја се издигнува крај брегот на Охридското Езеро.
Празничното торжество започна на 14.07.2026 година со празнична Вечерна богослужба, во манастирот „Пресвета Богородица“ – Заум, во с. Трпејца, Охрид, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.
Празнувањето продолжи наредниот ден, на 15.07.2026 година, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.
По завршувањето на светата Литургија беше извршен чинот на Малиот водосвет, по што беше прекршен празничниот колач.
Покрај многубројниот верен народ, на светата Литургија присуствуваше и градоначалникот на Општина Охрид, г. Кирил Пецаков.
Ова празнично торжество беше збогатено и со уште една радосна пригода. Имено, на овој ден се наврши точно една година од првата света Литургија што Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, ја отслужи како надлежен архијереј на Дебарско-кичевската епархија.
Молејќи Го Семилостивиот Господ да го укрепува во неговата архипастирска служба, му посакуваме уште многу години да Му служи на Бога и на Светата Црква во крепко здравје, со љубов, мудрост и татковска грижа, водејќи го доверениот му верен народ кон спасението.
dke.org.mk

















