АктуелноОхрид

Општина Охрид ќе биде дел од 21. Македонско културно лето во Пустец, Република Албанија

Со особена чест и задоволство, Општина Охрид ќе земе учество на годинашното издание на „Македонско културно лето“, кое ќе се одржи од 1 до 5 јули во Пустец, Република Албанија.
Охрид пред посетителите ќе се претстави преку богатството на својата фолклорна традиција, обичаи и културно наследство.
Во рамки на програмата ќе биде прикажан краткометражниот филм „Приказна за една охридска свадба“, изработен од учениците од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид, инспириран од богатата свадбена традиција на охридскиот крај.
Предвидена е и промоција на книгата „Охридски фолклористи“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, издание на Општина Охрид, која претставува значаен придонес во зачувувањето и афирмацијата на македонското фолклорно наследство.
Посебен сегмент од претставувањето ќе биде и ревијата на народни носии „Од Љубаништа до Дебој“, од колекцијата на колекционерот Љупчо Милошески, преку која посетителите ќе имаат можност да ја запознаат разновидноста и убавината на традиционалната облека од охридскиот регион.
Со ова претставување, Општина Охрид уште еднаш ја потврдува својата заложба за зачувување, промоција и афирмација на македонската култура, традиција и идентитет надвор од границите на државата.
Охрид – град на културата, традицијата и живото наследство.