АктуелноОхрид

ТАВ Македонија и МВР покажаa взаемна подготвеност на денешната симулациска вежба на охридскиот аеродром за справување со сложени безбедносни закани

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на АДП Групацијата и Министреството за внатрешни работи, успешно реализираа симулациска вежба за справување со сложени безбедносни закани, овој пат на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид.

Целта на вежбата „Сигурен хоризонт 2026 – двојна закана“ е да се претстават капацитетите, можностите и подготвеноста на припадниците на МВР, ТАВ Македонија, Противпожарната служба и службата за итна медицинска помош при ТАВ Македонија и нивната способност за брза и ефикасна реакција, нивото на координација и комуникација помеѓу сите инволвирани субјекти.

Активноста се реализираше преку 11 фази, на неколку локации на охридскиот аеродром а симулираше упад, спасување на заложници, неутрализирање на терористи и извлекување на ВИП личности.

„ Денешната симулациска вежба на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид ја потврди високата подготвеност на безбедносните служби на ТАВ Македонија и одличната координација со Министерството за внатрешни работи. Преку вакви вежби ја зајакнуваме способноста за брза и ефикасна реакција во услови на сложени безбедносни предизвици. Безбедноста на патниците, вработените и инфраструктурата останува наш врвен приоритет. Им честитам на сите учесници за успешно спроведената вежба и се заблагодарувам на сите институции за покажаната професионалност и соработка.

ТАВ Македонија останува посветена на највисоки безбедносни стандарди и силна институционална соработка – во интерес на сигурноста и довербата на сите патниц“, изјави Перо Лупевски, заменик генерален директор за операции на ТАВ Македонија.

„ Целта на оваа вежба е сеопфатно тестирање на системот за одговор во услови на сложени безбедносни закани, преку симулација на реални сценарија. Преку вакви активности ја проверуваме оперативната подготвеност на полициските службеници, нивната способност за брза и ефикасна реакција, како и нивото на координација и комуникација меѓу сите инволвирани субјекти“, рече Александар Јанев, директор на Бирото за јавна безбедност.

Преку континуирана соработка и размена на искуства, ТАВ Македонија и надлежните институции ќе продолжат да градат сигурен и отпорен систем, насочен кон заштита на патниците, вработените и непречено функционирање на аеродромските операции.