Во основно училиште „Св. Климент Охридски“ во Охрид денеска беше организиран хуманитарен базар со продажба на храна, со цел да се соберат средства за лекувањето на малата Ева.
Во акцијата активно се вклучија родителите на учениците од петто и шесто одделение, кои подготвија разновидни домашни производи и храна. Подготвените производи се продаваа за време на големите одмори, а учениците со голем ентузијазам учествуваа во поддршката на хуманитарната иницијатива.
Од училиштето посочуваат дека преку ваквите активности се поттикнуваат вредности како солидарност, хуманост и заедништво меѓу учениците, но и се гради чувство на емпатија и меѓусебна поддршка.
Воедно беше упатена благодарност до сите родители, ученици и наставници кои се вклучија во организацијата и реализацијата на хуманитарниот базар.
Организаторите на настанот ѝ посакаа на малата Ева брзо оздравување, истакнувајќи дека преку вакви акции заедницата уште еднаш покажува дека кога се работи за хумана цел – сите се обединети.











