На денешната седма седница на Советот на Општина Охрид, советниците ги разгледаа и ги усвоија сите точки од дневниот ред, кој дополнително беше надополнет со уште една точка.
Во рамки на седницата беше донесена Предлог-одлука за давање согласност на Одлуката за утврдување на максималниот износ на вредност на бодот за пресметување на платите на административните службеници и техничкиот персонал вработени во ЈОУДГ „Јасна Ристеска” – Охрид за 2026 година, како и Предлог-одлука за давање согласност на Одлуката за утврдување на максималниот износ на вредност на бодот за пресметување на платите на давателите на јавни услуги и на директорот на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ – Охрид за 2026 година. Советниците дадоа согласност и на Одлуката на Управниот одбор на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ – Охрид за зголемување на износот на надоместокот на трошоците за престој на деца што паѓа на товар на родителите, како и на Предлог-одлуката за отстапување на користење недвижен имот на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ – Охрид.
На седницата беше усвоена и Предлог-одлуката за усвојување на Извештајот за извршениот годишен попис на средствата и обврските изготвен од Централната пописна комисија со состојба на ден 31.12.2025 година, како и Предлог-одлуката за отпис на побарувања и обврски на Општина Охрид и Предлог-одлуката за отпис и расходување на основни средства сопственост на Општина Охрид.
Советот ја усвои и Предлог-одлуката за усвојување на детална Физибилити студија со финансиска анализа за поставување на фотоволтаични централи во општина Охрид по пат на јавно-приватно партнерство, како и Предлог-одлуката за започнување постапка за доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство за поставување фотоволтаични централи на општински објекти на подрачјето на општина Охрид.
Дополнително, беше изгласана Предлог-одлуката за започнување постапка за присоединување на ЈП „Градски пазар“ – Охрид кон ЈП „Градски гробишта“ – Охрид, како и Предлог-одлуката за започнување постапка за ликвидација на ЈП „Погребни услуги“ – Охрид. Советниците ја усвоија и Предлог-одлуката за усвојување Елаборат за проценка на штети од голомразица во општина Охрид на ден 06.04.2025 година.
Во делот на програмските документи беше донесена Предлог-програмата за спроведување општи мерки за заштита на населението од заразни болести за 2026 година, Предлог-развојната програма ЈГ – изградба на системи за водоснабдување за 2026–2028 година, Подпрограма ЈГЦ – реализација на „Основен проект за мониторинг и управување СКАДА (SCADA) систем за водоснабдителен систем на град Охрид и изработка на ГИС систем со интеграција на двата системи“, како и Предлог-програмата за измена и дополнување на развојната програма за изработка на урбанистички планови на територијата на Општина Охрид 2026–2028 и Предлог-програмата за измена и дополнување на Програмата за одбележување значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја за период од пет години (јануари 2026 – јануари 2031).
На седницата беше усвоена и Предлог-одлуката за подигање спомен-обележје – спомен-парк, посветен на Шестата македонска бригада и Генералот на НОВ и ПОМ, народен херој Михајло Митев Апостолски.
Како дополнителна точка на дневниот ред, Советот ја усвои и Предлог-одлуката за давање согласност на Правилникот за регулирање на процесот на пресметка и наплата на надоместокот за уредување градежно земјиште.











