Македонскиот ракометен клуб ГРК Охрид направи значаен чекор кон пласманот во 1/4 финале на ЕХФ Европскиот Куп, откако на првиот осминафинален натпревар на домашен терен ја совлада Дукла Прага со убедливи 30-21.
Тренерот Борис Ројевиќ и неговите избраници со оваа победа создадоа солидна предност пред реваншот, која веројатно ќе им овозможи да обезбедат место во четвртфиналето.
Најефикасни во составот на Охриѓани беа Ѓукиќ со осум и Иванковиќ со седум гола.
Победата беше решена уште во првото полувреме, кога ГРК Охрид поведоа со 10-2, а пред одморот резултатот беше 16-9. По паузата, македонскиот тим продолжи со доминација, а со головите на Ојлески и Иванковиќ стигна до првата двоцифрена предност (25-15), што ја направи рутинска задачата до крајот на мечот.
Реваншот е закажан за 21. овој месец, кога Дукла Прага ќе го пречека ГРК Охрид.











