АктуелноОхрид

Директорот на „Водовод“ Струга поднесе оставка: Водата 30 пати над дозволената заматеност

По пет дена криза со загадена вода во Струга, директорот на ЈП „Водовод“ Меџијаит Јусуфоски денеска поднесе оставка од морални причини. Градот останува со целосна забрана за користење на водата поради екстремна заматеност.

Од чешмите во Струга тече темнокафеава вода, а анализите покажаа дека заматеноста е дури 30 пати над дозволеното. Водата е прогласена за технички неисправна и не смее да се користи ниту за пиење, ниту за готвење, ниту за лична хигиена.

„Не се памети ваква состојба“

Јусуфоски, кој 43 години работи во претпријатието, изјави дека ваква ситуација досега не била забележана.

„Се работи за голема еколошка катастрофа и сериозна закана по здравјето на граѓаните, особено за децата во училиштата и градинките. Во минатото сме имале проблеми, но вакво заматување не се памети. Моите надлежности како в.д. директор завршуваат тука и во истиот момент поднесувам оставка“, изјави Јусуфоски.

Тој информирал дека веднаш биле известени сите надлежни институции и дека е побарано итно утврдување на причините за загадувањето.

Изворот Шум „буквално како кал“

Од Центарот за јавно здравје потврдуваат дека состојбата е сериозна.

„На терен констатиравме дека водата на изворот Шум е буквално како кал. Мерењата во домовите и училиштата покажуваат екстремна заматеност. Граѓаните се принудени да купуваат флаширана вода или, во краен случај, да користат езерска вода за одржување хигиена“, изјави Лидија Симонска од ЦЈЗ.

Полиција и инспектори на терен

Полицијата и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство вршат увид кај изворот Шум – главниот извор за водоснабдување на Струга.

Од СВР Охрид велат дека досега не е поднесена официјална пријава од јавното претпријатие, но дека се преземаат интензивни мерки за утврдување на причините и евентуална кривична одговорност.

По комплетирање на случајот, ќе биде доставен поднесок до Јавното обвинителство.

Во меѓувреме, револтот кај граѓаните расте, а купувањето флаширана вода претставува дополнителен финансиски товар за домаќинствата.