АктуелноОхрид

Крлев: Охрид не е партиски плен, Охрид е град на сите граѓани и заслужува одговорно, транспарентно и чесно управување

Денес сакаме да укажеме на сериозната состојба во која се наоѓа Општина Охрид, состојба која е јасно потврдена и документирана во последниот ревизорски извештај.
Ова не се политички квалификации, туку наоди на државна институција, кои недвосмислено укажуваат дека општината се води без план, без соодветна контрола и без отчетност.
Наместо урбанистички ред и долгорочна визија за развој на градот, сведочиме на агресивна бетонизација и издавање дозволи за нови станбени објекти, често на штета на јавниот интерес.
Инвеститорите се ставаат пред граѓаните, а Охрид се третира како неисцрпен ресурс, а не како заштитено културно и природно богатство.
Ревизијата исто така констатира сериозни управувачки и финансиски слабости во работата на јавните претпријатија, нивна нефункционалност и целосно отсуство на одговорност.
И покрај тоа, градоначалникот продолжува да ги штити директорите кои очигледно не испорачуваат резултати.
Особено загрижува фактот што со вакво неодговорно управување, Охрид се доведува во реален ризик да го загуби статусот на заштитено светско наследство под УНЕСКО. Тоа не би било случајност, туку директна последица на неспособност, негрижа и партиски интереси.
Важно е јавноста да знае дека како советници предложивме ова прашање да се стави како точка на дневен ред на Советот, како и одржување на вонредна седница посветена на ревизорскиот извештај и состојбите во општината.
За жал, и двата предлога беа одбиени од мнозинството, со што повторно се покажа отсуство на политичка волја за соочување со реалните проблеми.
Охрид не е партиски плен.
Охрид е град на сите граѓани и заслужува одговорно, транспарентно и чесно управување.