АктуелноОхрид

По повеќе од шест децении, Охридскиот аеродром конечно е легализиран

Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, кој функционира уште од 1970-тите години, конечно е впишан во катастар и доби имотен лист, со што по повеќе од 60 години е целосно легализиран. Веста ја соопшти министерот за транспорт, Александар Николоски, во објава на социјалните мрежи на последниот ден од 2025 година.

Како што информира Николоски, во текот на изминатата година интензивно работел заеднички тим составен од Министерството за транспорт, АД Аеродроми и ТАВ Македонија, во соработка со Агенцијата за катастар на недвижности, Државното правобранителство, Управата за имотно-правни работи и други надлежни институции, со цел решавање на долгогодишниот имотно-правен статус на овој стратешки објект.

Министерот посочува дека во нормални услови ваков административен чекор не би претставувал вест, но поради, како што наведува, децениската негрижа и запоставување на државниот капитал, смета дека јавноста треба да биде информирана за овој значаен исчекор.

Воедно, Николоски најавува дека во наредниот период ќе следат активности за модернизација и реконструкција на Охридскиот аеродром, со цел зголемување на неговите капацитети и привлекување нови туристи, што би придонело за дополнителен развој на туризмот во регионот.

На крајот од објавата, министерот упати честитка до граѓаните, посакувајќи им убава и среќна Нова 2026 година.