АктуелноОхрид

Успешно реализирани: Работилница за локална мобилизација и форум за Западен Балкан во рамки на проектот „RECIRCLE MED“

Претставници од јавниот сектор, академски и истражувачки институции, претставници на бизниси, туристички организации и други релевантни чинители од целиот регион беа дел од Локалната мобилизациска работилница и Форумот за Западен Балкан, кои во текот на изминатите два дена се одржуваа во Охрид.

Настаните ги организираше Општина Охрид како дел од проектот „RECIRCLE MED“, имплементиран преку Европската програма INTERREG EURO MED.

Првиот ден беше посветен на анализа на локалните потреби, предизвици и можности на Охрид. Учесниците активно учествуваа во дискусии и ко-креативни сесии, придонесувајќи за дефинирање на соодветен пристап за градот.

Вториот ден фокусот се прошири кон Западен Балкан, каде беа разгледани можностите за регионална соработка, финансирање и улогата на политичките рамки во поттикнување на син и кружен туризам. Панелистите ги истакнаа клучните предизвици, но и потенцијалот за заеднички иницијативи и одржлив развој. Настанот заврши со силна поддршка од учесниците, кои ја истакнаа важноста од континуирана соработка и стратешко планирање за создавање поотпорни и поконкурентни туристички дестинации.

Успешното одржување на работилницата и форумот ја потврди решителноста на регионот да ги примени принципите на „RECIRCLE MED“ не само во Охрид, туку и во други дестинации ширум Западен Балкан. Овие активности претставуваат прв чекор кон создавање на Сини Акциски Планови за Кружен туризам во Охрид.