Вулипан Бахатихан, Вантинг Јанг и Шини Веј се трите кинески студентки што годинава беа дел од Летната школа за македонски јазик, литература и култура, што традиционално се одржува секоја година во Охрид. Покрај редовните часови тие имаа уникатна можност да го истражуваат Охрид и околината. Тие заедно со своите колеги ги посетија куќата на Робевци, куќата на Григор Прличев и бројни други културни знаменитости. Неизбежна беше и посетата на црквата „Св. Јован Канео“ и манастирот „Св. Наум“ и тие беа воодушевени од импресивниот поглед кон езерото. Ова нивно патување во Македонија беше исполнето со искуства, авантури и нови пријателства.












