АктуелноОхрид

(ФОТО) Меѓународен детски летен православен камп под мотото „Учиме, твориме и на Бога се молиме“ – Струга 2024 година

И оваа 2024 година, како што и во 2023 година, по вторпат во автокампот „АС“ во градот Струга – градот на поезијата, се организира меѓународен детски летен православен камп со млади учесници од градот Подгорица – Црна Гора и од село Враништа, Струшко, во периодот од 15 јули до 19 јули 2024 година.
 
Овој камп се одржува со благослов на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки и Администратор на Австралиско-сиднејската епархија, господин Тимотеј, а во целосна организација на парохискиот свештеник отец Ристе Наумоски со доброволен прилог на благочестиви верници и спонзори.
Учество зедоа Православната младина на Вранишката парохија при Дебарско-кичевската епархија, кои беа домаќини на овој голем и значаен настан кој се случува во МПЦ-ОА и Православната младина од Подгорица при Црногорско-приморската митрополија со благослов на Неговото Високопреосвештенство господин Јоаникиј. Координатор на овој настан беше теологот Сашо Ванчоски, а на вечерните предавања зеде учество и теологот Ѓорѓи Наумоски.
Низ овој петдневен Детски православен камп се посетија значајни места во Струга како што се ставропигијалниот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта, параклисот „Свети апостоли Петар и Павле“ и пештерските цркви „Свети Атанасиј Велики“ и „Рождество на Пресвета Богородица“ која се наоѓа во Калишкиот манастир, а исто така и селото Враништа и општината Вевчани. Четвртиот ден учесниците ги посетија светилиштата во стариот дел на градот Охрид, а покрај нив беа на посета во Национална работилница за рачна изработка на хартија и потоа во манастирот „Вознесение Христово“ – Свети Спас во село Горно Лакочереј.
Предавањата за време кампувањето беа оддржани на посетените места, а главното предавање беше „Молитвата и нејзината сила“ на која тема зборуваше теологот Сашо Ванчоски. Силните впечатоци пропратени со радост, но и тага во очите на младите учесници на крајот од овој православен детски настан, покажаа дека овој камп треба сѐ уште да продолжи да се развива и да трае за возраснување во Христа Бога на овие млади души.
Гостите му изразија благодарност на организаторот свештеник Ристе Наумоски за неговите усилби за одличниот старт и завршеток на овој православен проект и благодарност за добриот пречек во Македонија и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Затоа и оваа цел е исполнета кога сите се радосни и со меѓусебна љубов во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.