Чингоски: Резултат на СДСМ се гласовите за Претседател и тука нема со што да се пофали

Познатиот охридски адвокат и еден од основачите на СДСМ во Охрид, наш редовен аналитичар Владо Чингоски во анализа на изборите оценува дека победата на Константин Георгиески се должи на неговата личност и дека тука СДСМ нема со што да се пофали бидејќи партиите се олицетворени во гласовите кои ги добиле кандидатите за Претседател. Од друга страна тој оценува дека нема простор да се фали ни ВМРО ДПМНЕ кое оствари најниски резултати во историјата.

Анализата ја објавуваме во целост:

Старите велат БИ СВАДАБА ПОМИНА. Демек како и да било, добро, лошо, поминало. Така и со нашите избори за некого само претседателски , а за некои како за нас Охриѓаните и локални.

 Резултатите се тие кои се .
Имаме  нов Претседател на  Северна Македонија, а  и старо нов градоначалник  на Охрид.
 Какви беа изборите.
 Во нашата држава, изборниот процес секогаш за победниците  е демократски , мирен и Европски, а  за губитниците изборен  инжинеринг, недемократски, со илјадници пропусти.
Но секој што губи има право да се лути, но прашање е на кого да се лути.
 Нема  да  ги коментирам  овие  избори  за спроведената кампања, вокалбуларот  на кандидатите и нивните штабови, начинот на водење на кампања, која впрочем и не е променета без малку 3 децении, туку за она што е навистина  ново  во овие избори.
 Овие  избори ( Претседателските) се карактеризираат  со учество на по прв пат на  жена кандидат за претседател  и за кандидат  кој по втор пат едноподруго, и се понуди  на  македонскиот  електорат како кандидат, кој еднаш  изгубил на истите  избори.
   Рекордно малата  излезност  на електоратот  во првиот  круг,  а ни вториот круг не беше  кој знае колку помасовен во излезеноста.
 Избраниот претседател е избран со најмал број на гласови од сите досега избрани  претседатели.
  Опозициониот кандидат, однесе победа во повеќе општини во нашата држава, а со тоа си зема за право во нивната  анализа да го претстави  својот кандидат за победник, иако ги изгуби изборите.
 За жал, повторно, електоратот и нивните гласови се делат  на македонски и останатите, и победникот се гледа само од аспект  на мекедонските гласови.
  Секако дека тој што ги добива  и гласовите на другите заедници, барем од досегшното искуство , скапо ги плаќа, но тоа  е концептот на владеачката партија едно општество за сите и слоганот ЗАЕДНО НАПРЕД. Само што едни одат  малку понапред, особено во бенифитите.
  Една карактеристика  која можеше да се отслика само во Охрид  и Ново село, каде се спроведуваа и локални избори односно избори за Градоначалник е и разликата  во гласовите дадени за кандидатот за Претседател и за градоначалник.
   Интересно е што и во двете општини победија  кандидатите за градоначалник на позицијата, а  за претседателските избори победата ја извојуваа опозицијата. И воопшто не е битно со колку гласови победи градоначалникот или претседателскиот кандидат, интересна  е да се најде причината  за ваквата состојба и слабата  излезност.
    Лично сметам дека причините за вакви резултати се фактот дека избирачите не се задоволни од актуелната власт, но се уште  не се спремни да ја вратат на власт минатата власт. Се уште  се свежи сеќавањата  на нивното владеење и се уште се чувствуваат  последиците  од таквото владеење. ВМРО ДПМНЕ во изминатиов период не се потруди барем декларативно да се огради од лошите  политики на претходната власт, да  направи кадровски промени и да се реформира. Промените се само козметички, а гласачите особено оние  кои  се неопределени тоа го чувствуваат.
  СДСМ и Владата и тоа како беа казнети во првиот круг, но нивниот  ПР особено помеѓу двата круга  со признанието за лошите политики особено кадровски и ветувањето дека ја примиле пораката и дека ќе  се променат, со закана за метла и проветрување во раководните партиски и владини и лоокални  структури но и општински раководства, доби одредена шанса, за краток рок да го реализира  ветеното во спротивно парламентарните избори се идната година, а тие се во еден круг и поправен нема.
  Победата  на кандидатите за градоначалници не се должи на некакви си партиска работа, туку првенствено на личноста  кја е предложена. Зошто партиските гласови се оние  за Претседателските кандидати.
  И сега конкретно за Охрид, ако ги анализираме изборните резултати од 2016 г. па до последните СДСМ и нема со што да се пофали.
 2016 Парламентарните избори   ги изгуби, локалните 2017 г.  листата  за советници со мала предност  пред ДПМНЕ ( СДСМ 11 советници, ВМРО ДПМНЕ 10) и Претседателски избори 2019 изгубени.
  Нити ВМРО ДПМНЕ  нема многу што да се пофали особено за Претседателските избори, а за кандидатот  за Градоначалник на мислење сум дека во самата партија  го сметаа како надворешно тело наметнато од централата.
 Ако го земеме во вид фактот дека двете  најголеми партии без никаква работа  на терен може да сметаат  на по 12.000 гласови плус минус, тогаш тие ништо не сработиле, а неопределените  не им се наклонети барем не се уште.
    Што ќе превземат  Централите  на партиите  за санирање на ваквите состојби во своите општински организации или комитети останува  да видиме. Но факт е дека нешто треба да се менува, а партиите  имаат многу други функции и надлежности, а не само да бидат  посредници при вработување ( особено на свои без разлика  во каков однос).
„Охрид 1“ ќе објави анализи од нашите редовни аналитичари поврзани со изборите, а наредна анализа е онаа на угледниот историчар, Доц. Д-р Никола Митровиќ Бабе.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close