Во ВМРО ДПМНЕ Охрид време е за План Б

Кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ математички прецизно кажано доживеа историски пораз на Локални избори во Охрид и сега сосема оправдано и легитимно ќе се постави прашањето како партијата во градот дојде до состојба да победи на изборите за Претседател ( на ниво на Охрид ) и да оствари најниски резултати на изборите за градоначалник ? Во исто време ВМРО ДПМНЕ ја обои картата на Македонија во црвено, партијата победи во македонските средини и станува јасно дека Кристијан Мицкоски е неприкосновен лидер на партијата и политичар кој го врати ВМРО ДПМНЕ пред СДСМ кај македонските гласачи, па сосема за очекување е дека на наредните парламентарни избори тој ќе извојува победа.

НАЈСЛАБА КАМПАЊА ВО ИСТОРИЈАТА НА ПАРТИЈАТА

И покрај тоа што кандидатот од државата доби над 5.570.000 денари средства кои можеше да ги троши во кампања, ВМРО ДПМНЕ во Охрид практично не спроведе кампања или тоа што го спроведе може да се оцени како убедливо најслабата кампања која партијата ја имала во градот од нејзиното основање до денес.

Кандидатот единствено се рекламираше на една телевизија и во вториот круг на локално радио, додека останатиот дел беше насочен на големите скопски телевизии.

Колку лошо функционираше партијата во тој дел говори и тоа што дел од снимките од прес конференциите кои партијата ги испраќаше до медиумите беа снимани со телефони, а неретко тие не беа ни монтирани, па беа јавно објавувани на официјалната страна на кадидатот по повеќе пати преснимувани изјави на прес конференции настанати заради грешка.

Но ако кандидатот изостана од медиумите присутна беше црната кампања, која во големи количини ( во отсуство на прецизна компањација на архивските материјали ќе кажеме дека има впечаток дека на овие избори се објавија најголема количина лажни вести, полувистини и конструкции за кандидат на локални избори до сега ) се пласираше токму на медиуми блиски до ВМРО ДПМНЕ.

ВМРО ДПМНЕ ОХРИД СЕ САМОИЗОЛИРА, ДО КАНДИДАТОТ НА НИ ЕДЕН НАСТАН НЕ ЗАСТАНА НЕКОЈ АВТОРИТЕТЕН ЛИК

На прес конференциите кандидатот се појавуваше практично сам, опкружен со три или четири млади лица ( непознати за пошироката јавност ) , а јавноста не го виде кандидатот во друштво на некој поавторитетни лица од неговата фела, бизнисмени, професори или воопшто лица од јавниот живот. Ова го отвора прашањето како се самоизолира партијата од Охрид до таква фаза.

ФЕСЈБУК ВОЈНА СО ОХРИД 1

Од друга страна лица кои беа поставени на официјални позиции во т.н. граѓански штаб на кандидатот непрекинато од нивните лични профили и политичката позиција која ја имаат во штабот „војуваа“ со „Охрид 1“ на Фејсбук, каде овие нови партиски експоненти пишуваа коментари за медиумот и сопственикот нарекувајќи го со зборови како „тешка уфилмана будала“ , „ напушен наркоман “ или „човек кој јади печурки и халуцинира“.

Менаџментот на медиумот и покрај овие јавни напади одлучи кампањата на кандидатот Митре Милошески да ја покрива во целост на нај професионален начин, а сите коментари кои ги пишуваа функционерите да останат и ни еден да не се брише за да се овозможи на лицата од штабот да дојдат до израз пред пошироката јавност.

ГИ ПРОМАРШИЈА СИТЕ АНАЛИЗИ И ПЛАНОВИ

ВМРО ДПМНЕ по се изгледа во Охрид повеќе нема ни аналитички центар нити кој да направи здрава и здраворазумна анализа бидејќи партијата во Охрид калкулираше и планираше  со над 15.800 гласови во првиот круг, додека на кандидатите Михаил Трендафилов Нанче и Стевче Стевоски им пресмета по околу 300 гласови.

Ваквите анализи говорат дека во ВМРО ДПМНЕ Охрид или сами себе се лажеле или сериозно изгубиле контакт со реалноста на терен.

ПЛАНИРАНА ГОЛЕМА РЕФОРМА НА КОМИТЕТОТ

Какви се сега плановите во ВМРО ДПМНЕ Охрид  ? Висок функционер на партијата во Скопје кој е од Охрид, уште пред првиот круг во неформални разговори спомнал дека се планира голема реформа на комитетот во Охрид, но главното прашање е дали тој план ќе потекне од членството и ситуацијата на терен или на планот како и до сега ќе влијаат центрите на моќ во Скопје кои планирајќи ги своите кариери и интереси ќе поставуваат кадри кои ја доведоа партијата да изгуби околу 9.000 гласови.

ВМРО ДПМНЕ СИНОЌА НЕ ОДРЖА ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА , НЕ ЈА ЧЕСТИТА ПОБЕДАТА НА КОНСТАНТИН И НЕ СЕ ОБРАТИ НА ЈАВНОСТА

ВМРО ДПМНЕ Охрид синоќа не одржа прес конференција, сеуште нема испратено соопштение до јавноста и никој од таму сеуште ја нема честитано победата на противкандидатот Константин Георгиески.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close