ЗОРАН КРСТЕВСКИ – Животни одлуки

Пишува Зоран Крстевски за vecer.press (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)

 

Највисоката вредност се состои во способноста да го откриеме доброто во нас самите и да создадеме позитивна можност за напредување и градење хармонија во односот со блиските. Но, доколку не ги согледуваме проблемите во кои се наоѓаме и живееме во илузија, заслепеност и духовна неосвестеност, тогаш неминовно ќе потпаднеме под влијание на лошите луѓе и ќе ги уништиме шансите за напредување.

Сите луѓе не се исти, така што е потребна голема мудрост и способност да ги процениме туѓите намери и да се заштитиме од негативните вибрации.

Нашата првична одлука секогаш треба да биде креирана од позитивниот пристап, отворениот дух и добронамерноста. Кога чесно и искрено се однесуваме кон другите, тогаш или ќе се здобиеме со почит или ќе стекнеме увид со какви луѓе си имаме работа.

Постојат лица кои ја почитуваат туѓата добрина и искрено се заблагодаруваат за поддршката, љубовта и вниманието. Но, има поединци кои не престануваат да се однесуваат лошо, себично, круто и студено, без оглед колку кон нив пристапуваме со позитивна енергија и благонаклонетост. Таквите луѓе умислуваат дека вечно можат да го манипулираат и доминираат лицето кое манифестира емпатија, љубов и добрина.

Фолклорната умотворба тоа го има искажано со зборовите: “Ти на него со леб, а тој на тебе со камен”. Народната мудрост има кажано и дека “наивноста е мајка на доблеста и глупоста”. Тоа значи, дека е неразумно својата позитивна енергија да ја трошиме на негативни и себични луѓе, кои на доброто возвраќаат со лошо.

Во денешно време, иако најмногу страда добриот, морален и емотивен човек, сепак неговото страдање е краткотрајно. Тој можеби наивно постапува со емоционалното отворање кон лица кои тоа не го заслужуваат, но откако ќе научи тешка животна лекција, потоа многу повеќе внимава кон кого ја насочува својата енергија. Од друга страна, страдањето на неморалните и себични личности е многу подолготрајно, зашто зависат од туѓата наивност, константно бараат жртви, очекуваат секогаш да биде по нивно и сите да им се подредуваат.

Овие лица колку и да се емоционално студени, крути и егоистични, сепак самите на себе се најголеми непријатели. Имено, воопшто не е лесно да се живее со потсвесна агресивност, да се манифестира незадоволство и негативизам и притоа да се биде зависен од неверства, лаги и измами. Хаосот што се случува во таквите души, еден ден ќе се одрази и врз нивното тело. Деструктивната патологија на однесување нужно се рефлектира врз аурата која станува мрачна, безживотна и наелектризирана со висок набој на негативна енергија. За разлика од негативците, поединецот кој сфатил дека суштината не е во ниската страст, неморалот и измамите зрачи со позитивна енергија, се разубавува и доживува хармонична трансформација на духот и телото.

Сепак, повеќето од луѓето предност им даваат на задоволствата на телото, без да сфатат дека душата е таа која го облагородува духот на човекот и му дава смисла на неговото живеење. Кога нашиот престој на овој свет, исклучиво би бил поради телесни страсти, наметнување моќ врз другите, алчни побуди и егоистички стремежи, тогаш стануваат илузорни духовните учења на врвните моралисти, светители и пророци. Тие човекот го насочуваат кон негувањето на духот, мирот во душата, позитивните вредности и подигнувањето на свеста кон повисоките домени на постоењето.

Ако суштината се наоѓа во определбата колку луѓе ќе излажеме, колку вреќи пари ќе украдеме, со колкав број партнери телесно ќе општиме и што се ќе направиме за да го задоволиме своето ситно и фрустрирано его, тогаш длабоко сме се излажале за смислата и вредноста на животот. Последиците од уништувањето на моралот, чесноста и духовноста, најдлабоко ги вкусуваат токму лицата кои со своето однесување ги деградираат овие вредности.

Секоја одлука подразбира одредени последици. Тоа значи, дека погрешната одлука повлекува по себе крајно непријатни последици.

Секој од нас ја одредува границата на среќата и несреќата. Ние сме господари на нашата судбина. Секој од нас е целосно одговорен за се што прави и со своите постапки придонесува за сопствената среќа или несреќа.

Кога смислата би се наоѓала во промискуитетот, неморалот, измамите, интригите, експлоатацијата, себичноста, во тој случај лицата кои живеат според овие стандарди ќе се чувствуваат среќни, исполнети и ќе бидат во мир со себеси. На овој свет полн со многу негативистички пројави, токму лошите определби не му недостасуваат, туку уште повеќе се зголемуваат, водејќи го човекот кон несреќата и амбисот на постоењето.

Правилното користење со слободата на изборот е клучно за дистанцирање од негативните влијанија. Мудра одлука ќе донесеме ако ги избегнуваме неосвестените луѓе, кои имаат ниско ниво на позитивна енергија. Ако се сплеткаме со нив во неконтролиран однос, може целосно да ја дисхармонизираме својата енергија. Секогаш треба да се следиме самите себеси, а помалку да зависиме од другите, посебно од оние кои не бираат начин и средства за да ги реализираат егоистичните цели и интереси.

За таквите личности, Св. Филарет Московски има кажано: “Нека ја клеветат вистината, нека ја мразат љубовта, нека го убиваат животот – вистината ќе се оправда, љубовта ќе победи, животот ќе воскресне”.  Асоцијацијата е дека колку  помалку го чувствуваме влијанието на негативците, толку повеќе мирот, љубовта и хармонијата ќе се вселат во нашето живеење.

Суштината на врвната среќа се наоѓа во мирот со себе, опуштеноста, чистиот образ, достоинството и во чувството дека со своето однесување не ги прекршуваме законите на духовното опстојување. Површното доживување на среќата е насекаде околу нас и често е поврзано со обидот во материјалните и телесни нешта да се побара излезот од празнотијата на сопственото постоење. Некој бегството го прави преку константното препуштање на блудот и ниските страсти, друг преку консумеризмот и социјалните мрежи, трет преку хазардот и разните зависности, четврт преку опсесивното препуштање на работата, парите, моќта или статусот. Современиот начин на живеење создаде армија површни луѓе, кои суштината ја бараат во материјалните и телесни нешта. Тие скоро и да не се обидуваат, барем за миг да ја подигнат свеста и да ги почувствуваат благодетите од духовниот концепт на живеење.

Фјодор Достоевски има кажано: “Тајната на животот на човекот не е само да живее, туку и во тоа зошто и како живее”.

Доколку исклучиво живееме поради насладите на телото, трупањето материјални добра, неконтролираното експонирање на егото, тенденцијата да ги владееме и контролираме другите, тогаш сериозно сме забавиле со својот личен развој и максимално сме се оттргнале од духовните вредности на животот. Во тој случај, последиците за нашата душа ќе бидат катастрофални, зашто неспокојството, внатрешната дисхармонија, неумереноста и зависноста од лажните вредности, никогаш нема да овозможат мир и среќа во животот. Секогаш треба да имаме на ум дека со губењето на достоинството на личноста, деградирањето на етиката, уништувањето на чистиот образ и оптоварувањето на својата совест, нужно ја дисхармонизираме својата душа и пропаѓаме во бездната на нечистото и неморално живеење.

Излезот се наоѓа во умерениот однос кон телото, негувањето на душата и воздигнувањето на духот кон чесното, одговорно и позитивно дејствување.

Заклучокот е дека кој верува во доброто и позитивни одлуки донесува – среќата ја наоѓа. Со пропагирање и вложување во вредноста, ќе оствариме хармонична егзистенција и ќе се отвориме за убавите мигови на животот. Едноставните нешта создаваат најголеми задоволства и колку повеќе ги практикуваме, толку помалку немирот и тагата ќе бидат дел од нашето живеење. Затоа, сите ние треба да одлучиме што повеќе да уживаме во смеењето, прегратката, танцувањето, молитвата, музиката, прошетките во природа, читањето и препуштањето на мигот, зашто животот е таков, каков што ние со своите мисли, постапки и одлуки го осмислуваме и создаваме.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close