И Словачка воведува карантин за невакцинираните

Словачка воведува построги мерки за лицата што не се вакцинирани против коронавирусот поради зголемувањето на бројот на новозаразени и хоспитализирани, што го оптоварува здравствениот систем на земјата, изјави денеска словачкиот премиер Едуард Хегер.

Словачка забележа рекорден број новозаразени лица во изминатите денови, надминувајќи 8.000 во вторникот, а претходно оваа недела објави дека има само уште неколку кревети во одделенијата за интензивна нега за пациенти со коронавирусот, објави Ројтерс.

„Тоа значи карантин за невакцинираните“, рече премиерот Хегер на прес-конференција.

Според новите правила, само лицата што се вакцинирани или прележале ковид во последните шест месеци ќе смеат да влезат во ресторани, трговски центри, на спортски активности и јавни настани.

Мерките, кои стапуваат во сила в понеделник и се очекува да траат три недели, се слични на оние усвоени во соседна Австрија и воведени од оваа недела.

Словачка има една од најниските стапки на вакцинација во Европската Унија – 45 проценти.

извор/фото: агенции

Close