Јужна Кореја ја укинува забраната за играње видео-игри ноќно време

Јужна Кореја најави дека „контроверзната“ забрана за играње интернет-игри за децата ноќе, ќе биде укината во јануари.

Забраната беше воведена пред 10 години, а целта беше да се намали зависноста на децата од видеоигрите. Таа се укинува со измена на Законот за заштита на младите, јавува јужнокорејската државна телевизија КБС. Забраната беше насочена кон децата помлади од 16 години на кои не им беше дозволен пристап до игрите меѓу полноќ и шест часот наутро, додека на компаниите за игри им се закануваа високи казни.

Укинувањето на забраната било планирано подолго време поради сомневањата во нејзината ефикасност. Критичарите на забраната, на пр., тврдат дека таа „ја демонизира културата на игри“, а не дава резултати во борбата против зависноста од видеоигри.

Но, и покрај укинувањето на забраната, тоа не значи дека малолетните „гејмери“ се целосно слободни. Со помош на тн. систем „дозволен избор“, родителите и децата ќе можат сами да одредат колку и што ќе играат, а нивниот избор ќе го одобрува Фондацијата „Гејминг култура“, којашто е поврзана со Министерството за култура.

извор/фото: агенции

Close