Арсовска: Позитивните промени за Скопје ќе дојдат по 31 октомври

Кандидатката за градоначалничка на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, продолжи со теренските активности по победата во првиот круг на изборите и со тоа го означи почетокот на изборната кампања за вториот круг.

Таа синоќа имаше средба со граѓани од Кисела Вода. За жителите од оваа населба, рече Арсовска, во моментов приоритетно е решавањето на проблемот со неконтролирано градење, затоа што на овој начин им е загрозен животниот простор, се намалува зеленилото, а се намалуваат и местата за паркинг.

„Јас многу добро ги знам проблемите со кои што се соочуваат жителите на општина Кисела Вода, а имам и конкретни решенија како да се надминат. Непланското градење ќе запре со креирање детален урбанистички план во соработка со повеќе експерти. Проектите од мојата изборна програма се предложени врз основа на нивните проблеми. Затоа, за Кисела Вода е предвидена реализација на еден од петте мега паркови, ќе се изградат и повеќе монтажни паркинзи што значително ќе го решат проблемот со узурпирање на просторот меѓу зградите и тротоарите, а ќе се започне и со чистење на депониите веднаш по моето стапување на функцијата градоначалник на Град Скопје. Освен тоа, Кисела Вода ќе биде поврзана со вело патека и ќе се реализира изградба на директна патна поврзаност со Аеродром. Позитивните промени за Скопје доаѓаат по 31 октомври. Заедно со скопјани ќе успееме во тоа“, рече Арсовска.

На крајот од средбата Арсовска им се заблагодари на присутните за поддршката што и ја дале во првиот круг од изборите и ги повика сите оние кои ја поддржуваат нејзината визија за модерно и современо Скопје, да излезат на изборите и во вториот круг и заедно да го направат главниот град – град на среќни и задоволни жители.

Close