(ВИДЕО) Наумов: Наша најголема желба е овие кадри кои ги подготвуваме на ФТУ да останат во Охрид и Македонија

Еминентни готвачи од бившите југословенски простори денеска беа демонстратори на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Легендарниот Стево Карапанџа дел од еминентните експерти од областа на готварството и гастрономијата денеска своите знаења и искуства ги споделија со студентите од Факултетот за туризам и угостителство. Стево Карапанџа беше во друштво на Вуко Митровиќ, Томаж Возељ, Жељко Невен Бремец и Ѓорѓе Костиќ, а на покана на доц. Д-р Климент Наумов и Момчило Цониќ од Лесковац кој е докторант и предавач на ФТУ – Охрид во соработка со претседателката на Гастромак Адријана Алачки.

„Тие денеска се наши гости. Не почестија со нивната експертиза и со нивното залагање да им доловат на нашите студенти навистина што значи да се биде врвен кулинар и со нивните мотивациони говори сакаат да поттикнат едно чувство на амбиција, никогаш да не се повлекуваат и секогаш да се стремат кон сопствено унапредување. Секогаш да ги препознаваат  шансите. Сакам да упатам голема благодарност до госпоѓата Адријана Алачки извршен директор на ГАСТРОМАК,  чија идеја беше овој настан како и огромна благодарност до нашите поддрживачи, рестораните Острово, Тино и Браво, како и огромна благодарност до управата на факултетот за туризам и угостителство кои ни овозможија настанот да го одржиме токму тука“, вели Д-р Климент Наумов.

Наумов додава дека иако е релативно нов во оваа професија – околу една година, сепак се труди сите новини да ги спроведат и изучуваат токму и на ФТУ.

„Бев и на обука во Северна Франција, со нив сеуште имаме контакти, ние не застануваме тука. Лично ќе се стремам да остварам што повеќе контакти и да им помогнеме на студентите да имаат што повеќе познанства и што повеќе да шетаат за да научат нешто ново. Да видат дека надвор од нивното место на живеење има еден свет кој што е многу динамичен со многу, многу можности. Наша најголема желба е овие кадри кои ги подготвуваме на ФТУ да останат во Охрид и Македонија, а со тоа ќе придонесеме кон секторот туризам да имаат квалитетни кадри. Но и да се свесни дека овие кадри се идни сопственици на ресторани и хотели. Огромна наше желба е сите овие да остана тука и да придонесат кон кревање на рејтингот на секторот туризам, вели Наумов.

Close