Великаните на гастрономијата од регионот како што се Стево Карапанџа, Вуко Митровиќ на судентите од ФТУ им пренесоа свои искуства

Еминентни експерти од областа на готварството и гастрономијата од регионот меѓу кои Стево Карапанџа, Вуко Митровиќ, Томаж Возељ, Жељко Невен Бремец и Ѓорѓе Костиќ денеска беа гости и демонстратори на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

Станува збор за активност во насока на приближување на врвното кулинарство пред студентите и професорите на ФТУ, што се спроведува во соработка со професорите Климент Наумов и Момчило Цониќ и Македонската асоцијација на шефови на кујни „Гастромак”.

Великаните во кулинарството на просторот на бивша Југославија студентите при ФТУ  претставија дел од своето животно искуство.

Стево Карапанџа како еден од најпознатите готвачи во регионов но и светов, им порача на младите дека гастрономијата е многу атрактивна професија која нуди широки хоризонти и можности. Со цел да ги мотивира студентите, тој им го раскажа примерот на неговата кариера.

-Високата побарувачка на готвачи и високите плати го прават атрактивно ова работно место, а готвачите добиваат и многу други можности. Медиумите се другата важна алка за перцепцијата кои ја имаат младите за професијата. Кога јас започнав со емисиите бев пионер во тоа, и тогаш младите добија малку поинаква перспектива за готвачите. Денес, речиси и да не постои телевизија која во својата програма нема кулинарско шоу и тоа придонесе за една поинаква димензија на професијата и ги доведе младите до угостителските школи, што особено ме радува бидејќи туризмот е многу важен. Се надевам дека ситуацијата во гранката ќе се подобри и дека се повеќе млади луѓе ќе се одлучат да ја изучуваат гастрономијата затоа што е навистина прекрасна професија, истакна меѓу другото Карапанџа.

Земјава и регионов  се соочуваат со недостиг на добри готвачи, заклучија гостите на ФТУ. Вуксан Митровиќ кој се вбројува во најдобрите 20 светски готвачи , вели дека Македонците како добри готвачи и вредни луѓе се добредојдени насекаде низ светот.

-За да биде некој добар готвач, пред се е многу важно образованието, ама и реалната пракса во кујните на еминентни хотели и ресторани, истакна Митровиќ.

Гостите во ФТУ се на покана од доц. Д-р Климент Наумов и Момчило Цониќ од Лесковац кој е докторант и предавач на ФТУ – Охрид, со цел студентите да можат да извлечат дел од искуството директно од најголемите кулинарски мајстори.

А како овие еминентните шефови на кујна дојдоа во Охрид, објаснува проф. Климент Наумов.

-Дојдовме на идеја да ги поканиме овие ценети имиња во гастрономијата со цел да им покажат некои мали тајни на нашите нови студенти, но исто така и на студентите од поодминатите години на насоката гастрономија, со цел да побудиме интерес и да ги мотивираме да бидат поисполнителни, да не се предаваат и да бидат поамбициозни, вели Наумов

Инаку посетата на еминентните шефови на кујна од регионот на Факултетот за туризам во Охрид, е во рамки на патувањето низ Македонија, што го организира Македонската асоцијација на шефови на кујни Гастромак.

Претседателката на Гастромак Адријана Алачки најпрво се заблагодари до домакинот  ФТУ за беспрепрекорната организација.

-ГАСТРОМАК како единка не би можела ништо да направи без великаните на гастрономија од бившите југословенски простори. Честа што се денес овде не е само за Охрид, туку и за цела Македонија. Посакувам студентите да имаат бенефитот од нивната посета овде, истакна Адријана Алачки, претседател на ГАСТРОМАК.

 

Close