Путин е загрижен поради јакнењето на ИСИС во Авганистан

Рускиот претседател Владимир Путин изрази загриженост поради амбициите и силата на џихадистичката група Исламска држава (ИСИС) во Авганистан, неколку дена пред дипломатските состаноци во Москва, особено со талибанците, за состојбата во земјата.

Во Русија на 20 октомври ќе пристигне делегација на новата влада во Кабул, а ден претходно ќе се обиде да постигне заеднички став за авганистанското прашање со Кина, Пакистан и Соединетите Американски Држави.

Путин кажа дека „многу екстремистички и терористички“ групи се активни на северот на Авганистан, вклучувајќи ги Исламска држава, Ал каеда и Исламистичкото движење на Узбекистан.

„Според нашите информации има 2.000 борци на Исламска држава. Нивните шефови подготвуваат планови за ширење на влијанието во земјите од централна Азија и руските региони, разгорување на етнички и верски судири и ширење верска омраза“, кажа Путин на виртуелниот самит на земјите од Заедницата на независни држави (ЗНД), организацијата на поранешните советски земји.

Исламска држава – Корасан (ИСИС-К), најрадикалната авганистанска оружена екстремистичка група, ја презема одговорноста за низа напади чија цел е да го дестабилизираат емиратот кој го прогласија талибанците.

 

Close