Арсовска: Индустриската зона Визбегово ќе има ист третман како и другите индустриски зони

Кандидатката за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска денеска беше на средба со претставници на Здружението на индустриската зона Визбегово на која стопанствениците од оваа зона ги отворија сите прашања и проблеми со кои се соочуваат подолго време.

Тие неколку пати до сега барале од надлежните да им се овозможат подобри услови за работење. Стопанствениците посочија дека имаат одлична местоположба, но треба да се подобрат условите во зоната, во однос на инфраструктурата, иако располагаат со многу просторни можности, како и подобрување на целокупната економија. Немаат поддршка од било кој аспект од институциите и кога се обраќаат за помош, сите креваат раце и велат дека не се надлежни. Процесот на гасификацијата се уште не е реализиран, струјата им е единствен начин на користење на енергијата.

Индустриската зона Визбегово се наоѓа во три општини (Бутел, Чучер – Сандево и Карпош) и ова дополнително ја отежнува можноста за отворена соработка помеѓу компаниите и локалните самоуправи за што истакнаа дека во моментов имаат потешкотии.

Како веќе докажан менаџер ги ценам напорите и залагањата на претприемачите од оваа зона кои се од големо значење како од економски, но и од социјален аспект. Со подобрување на инфраструктурата ќе ја прошириме зоната и ќе направиме место за уште повеќе компании да станат дел од неа и да отвориме уште 1000 нови работни места за нашите сограѓани. Оваа индустриска зона ќе има ист третман како и другите индустриски зони, изјави Арсовска на средбата.

Претставниците на компаниите побараа од Арсовска уште во првите 60 дена кога ќе стане градоначалник, заедно да седнат и да направат акциски план за работење на зоната.

Повеќе од компаниите во индустриската зона Визбегово се домашни компании и профитот кој го реализираат, повторно го инвестираат во државата.

Close