121 година „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински

Пораките упатени кон македонските деца-сираци, искажани од Чернодрински пред 92 години, би требало денес да одѕвонуваат и во ушите на македонските првенци, кои коленичат пред портите на Бугарија, пазарејќи се со македонските национални идеали, кои од векутума-века биле свети за секој Македонец.

Македонската драма има плодна и богата традиција. Нејзиниот развоен пат може да се проследува низ долг временски период, бележејќи повеќе фази, тенденции и процеси. Првите никулци во оваа област ги среќаваме во обредните игри, во кои, низ дијалошка форма, со многу ритуали и гестови се пренесуваат одредени пораки. Според Кирил Пенушлиски, обредните игри поминале низ повеќе фази сè додека од нив не се издвоила народната драма.

Својата организирана форма театарот ја остварува во манастирските и црковните училишта, каде што се изведувани световни поуки, со исклучителен морализаторски карактер. За првата театарска претстава, одржана во манастирот „Свети Јован Бигорски“, нужни информации среќаваме во книгата на И. Христов (Солун, 1909), која е посветена на овој центар и на неговото историско, религиско и културно значење.

Македонската драма и театар својот вистински претставник во периодот меѓу 19 и 20  век го има во името и делото на Војдан Чернодрински. Неговата појава е од особено значење за целокупната наша литература. Всушност, делото на Чернодрински, со своите специфики претставува вистински меѓник за нашата литература, толкувана и согледувана од денешен аспект.

Војдан Чернодрински достојно го најави расцветот на македонската драма, поставувајќи ги основните и цврсти темели и на македонскиот театар. Неговата дарба и нагласеното љубопитство во литературата претставуваат верно сведоштво за долговековното опстојување на Македонецот низ историските ветрометини. Бележејќи ги тешкотиите и крвавите настани во Македонија и вешто оформувајќи ги во литературни пораки, Чернодрински означи една неодминлива етапа од развојот на нашата литература. Затоа, со право неговата појава е прифатена од сите негови истражувачи и проследувачи како основоположничка, историски неодминлива, литературно високо вреднувана.

Речиси целиот свој живот Чернодрински го минува во емиграција, каде што со многу страст, љубов и енергија ја шири вистината за судбината на Македонија, притоа возвишувајќи го чувството за самосвест и бележејќи ги судбинските мигови сврзани со македонскиот народ. Неговиот кружок „Македонски зговор“, кој го формира по примерот на „Младата македонска книжевна дружина“ на Даме Груев и Петар Поп Арсов, го означува првото организирано театарско живеење.

Close